Македонија
(Видео) Сведокот Нинџа вози затворско камионче, извршителите го чекаат Врховен, организаторите Кривичен – шест години по упадот во Собранието
По шест години од инцидентите во Собранието на 27 април, осудените за извршителство бараат правда, обвинетите за организирање ќе се судат одново. Судијката Добрила Кацарска, која досуди 188 години казна за вкупно 16 осудени, стана уставна судијка. Судијата Илија Трпков на кого Апелација му најде грешки при носењето на пресудите за организаторите – ќе суди одново во Кривичниот суд.
Уште се дебатира дали осудените за изврштелство се уставобранители или терористи
Повеќето од осудените во предметот за извршителството на 27 април ја издржаа речиси половина од казната. Тие се во затворите во Штип, Прилеп, Идризово. Освен Александар Василевски-Нинџа, кој казната ја издржува во истражниот затвор во Шуто Оризари. Според директорот Филип Андов, тој е примерен затвореник, па вози камионче во склоп на затворот, што значи работно е ангажиран.
Викенд-отсуство користат и други затвореници, чии казни се до 12 години. Јавноста има поинакво мислење за нив – некои сметаат дека тие се уставобранители, други ги посочуваат како терористи, кои имале намера да убијат некого за време на упадот.
На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор, а обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од 14 години за секого. Понатаму, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски се осудуваат на казна затвор во траење од 13 години за секого.
Апелациониот суд ги осуди обвинетите Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на казна затвор во траење од 11 години за секого, обвинетиот Оливер Радулов на 9 години, обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на 7 години и обвинетиот Абдуљифета Алими на 6 години.
Овој предмет е одамна пред Врховниот суд. Мислење даде и Обвинителството. Одлука дали можеби обвинетите ќе добијат ново судење и слобода или ќе останат каде што се – нема. Претходно, постоеја обиди преку закон за амнестиј, осудените да бидат условно амнестирани, но тој не го помина собранискиот филтер ниту за да се најде на седница.
Апелација најде грешки кај Кривичниот суд за предметот „Организатори на 27 април“
Апелација ја падна пресудата за предметот „Организатори на 27 април“. Предметот го врати на ново судење. Спорно им беше што селективно се амнестирани лица што биле обвинети. Беше побарано како судијата Трпков така и Обвинителството да преиспита дали е правилно применета амнестијата. Апелационите судии беа децидни дека не се ценети сите решителни факти пред да се изрече пресудата. Посочуваат и дека е повредено правото на одбрана на обвинетите.
На вкупно 25 години затвор беа осудени ексспикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Обвинителот ќе треба да пресече и дали предметот треба одново да се суди или ќе донесе јавнообвинителска одлука за повлекување на обвинението, а поради амнестијата. Предметот одново ќе го суди истиот судија – Илија Трпков, судија за кој медиумите пишуваа дека во два случаја носи пресуди верувајќи му на еден сведок, кој случајно се затекнува на настаните – Александар Василевски- Нинџа. За разлика од претходно, предметот нема да го застапува Вилма Русковска, која сега е скопска обвинителка, туку Трајче Пеливанов од поранешното СЈО, кој сега е обвинител за гонење организиран криминал.
Пред шест години, односно на 27 април 2017 година, во Собранието, според едни, влезе народ, според други – насилници. Упадот во прес-салата беше клучен за крвавите инциденти. Внатре беа пратениците од СДСМ на чело со Зоран Заев, стиснати во еден ќош, но и по некој од ВМРО-ДПМНЕ, новинари, фотографи, сниматели. Групата почна да фрла кон пратениците на СДСМ со столови, стативи, компјутери, разни предмети. Имаше низа повредени.
И по шест години од судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, не стивнуваат критиките дека тој настан не е акт на тероризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

