Македонија
(Видео) СДСМ: Дали со Британија е договорено отворање мигрантски кампови во Македонија
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција побара премиерот Христијан Мицкоски јавно да одговори дали за време на посетата на владината делегација во Велика Британија било разговарано за прифаќање мигранти и отворање мигрантски кампови во Македонија.
Кузеска изјави дека, според информациите што ги добиле од Британијапрашањето за мигрантите било во фокусот на средбите со британската влада, но од македонската страна досега нема официјални информации.
„Ова е јасен знак дека повторно се крие нешто од јавноста. Мицкоски одбил да разговара на оваа тема со медиумот Тајмс, а за македонската национална телевизија дал само штур одговор“, рече Кузеска.
Според неа, британската влада нуди стратешки инвестиции за земјите од регионот, но тие, како што наведе, доаѓаат во пакет со разговори за кампови за мигранти.
Кузеска потсети дека Мицкоски досега неколку пати јавно негирал постоење на каков било договор поврзан со мигранти, но, како што рече, новите информации од Лондон укажуваат на спротивното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

