Македонија
(Видео) СДСМ: Превоз на ученици што чини 50 денари градоначалникот на Карбинци го наплаќа 1.013
ВМРО-ДПМНЕ прави грабеж и во Карбинци, превоз на ученици што чини 50 денари градоначалникот го наплаќа за 1.013 денари, обвини Јордан Насев од СДСМ, претседател на ОО Карбинци.
„Ja алармираме јавноста и надлежните институции за скандалозното, коруптивно и расипничко трошење на јавните пари во општина Карбинци, под раководство на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Виктор Паунов. Денеска го објавуваме првиот скандал, малверзации со превозот на ученици. За неполни четири години, локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалнкот Паунов потрошила речиси 500.000 евра за превоз на ученици во основното образование. Скандалот е во тоа што превозот се врши по цени 20 пати повисоки од реалните“, рече тој.
Насев вели дека превоз со Јавното претпријатие Стипион на релација од село Нов Караорман до село Карбинци чини 50 денари, дневен билет во двата правци, а во тендерот за превоз на ученици распишан во учебната 2023/2024 година од општината превоз на едно дете дневно наплаќаат 1.013 денари.
„За одредени релации, еве на пример од Горни Габер до Радање општината наплаќа 1.878 денари или 30 евра дневно. Повторувам, за еден ученик, дневно. За 30 евра истиот превозник обезбедува превоз до Црна Гора во двата правци. Годишно, за еден ученик тоа се 332.640 денари или околу 5.000 евра. 20 пати над реалната сума. Ова е мега скандал. Ова е класичен грабеж на народот од страна на градоначалникот и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој.
Според Насев, овие милионски суми завршуваат во фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, во што жителите на Карбинци сѐ почесто препознаваат класична злоупотреба на функцијата.
Тој кажа дека СДСМ бара сите надлежни институции да отворат постапки за криминал и корупција во Карбинци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

