Македонија
(Видео) СДСМ: Предлог-законот за верски средни училишта го крши уставниот принцип на секуларност
„Предлог-законот за установите за средно образование на верските заедници, што очигледно ВМРО-ДПМНЕ го турка со цел да исполни желба на својот политички партнер, е противуставен. Додворувањето на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН на најголемите верски заедници, МПЦ и ИВЗ, оди директно спротивно на уставниот поредок и принципот на одвоеност на верата од државата“, кажа Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
„Обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ги интегрира верските училишта во јавниот образовен систем претставува директно кршење на уставноста и на принципот на секуларност кој е длабоко загрозен од ваквиот потег на власта.
Потсетуваме дека само пред неколку месеци Уставниот суд ја укина Одлуката на Владата за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“во Кондово.
Сега, одејќи спротивно на одлуката на Уставниот суд и на уставниот поредок, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги озакони противуставните одлуки на Владата.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да даде поддршка на Предлог-законот за установи за средно образование на верски заедници.
Нагласуваме дека, Предлог-законот е спротивен на Уставот кој јасно ја гарантира секуларноста на државата и ја одвојува верата од образованието како дејност од јавен интерес.
Овој предлог-закон директно го прекршува членот 7 од Законот за средно образование, според кој во средните училишта е забрането верско организирање, дејствување и истакнување на верски обележја.
Дополнително, предлогот создава нерамноправен третман и дискриминаторски услови со тоа што фаворизира конкретни институции, православната богословија и исламската медреса, и на тој начин отвора можност за воспоставување на паралелен образовен систем надвор од стандардите на државното образование.
Прашуваме, дали е прифатливо ученици со програма која содржи доминантен наставен план со верски содржини, да се стекнуваат со диплома еквивалентна на гимназиска, и потоа да се запишуваат на факултети за медицина, право, општествени и природни науки?
СДСМ укажува дека верските училишта веќе имаат регулиран статус преку Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, каде е прецизирано дека тие имаат право да основаат образовни установи за школување свештени лица, но не и за општо средно образование. Овој закон е lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон кој би го проширил нивниот опсег надвор од првичната намена.
Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да протурка закон кој не е во согласност со уставниот поредок и законските одредби, исполнувајќи политички желби на својот коалициски партнер, без почитување на уставните и образовните принципи, и на јавниот интерес.
Заради сите наведени причини, СДСМ нема да учествува во амандманска расправа по предложениот закон, ниту ќе прифати да даде легитимитет на содржината која се коси со Уставот, законите и демократските вредности на секуларна држава“, изјави Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

