Македонија
(Видео) Семејството Заеви донираше амбулантно возило и опрема за струмичката болница
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска беа во работна посета на ЈЗУ Општа болница – Струмица, каде заедно со директорот на болницата, Наќе Гогов, извршија увид на новото крило на болницата кое е опремено и наскоро ќе може да почне со работа.
Како што истакна премиерот Заев, новото крило на Струмичката болница ќе се докомплетира со средствата од Светска Банка, наменети за оваа и за болниците во Тетово и Охрид.
Во рамки на посетата премиерот Заев реализираше донација од своето семејство – амбулантно возило.
„Ова е време кога секој треба да помага како и колку може. Семејството Заеви и јас како струмичанец веќе дониравме опрема за потребите на оваа болница, а денес донираме и амбулантно возило. Се надевам дека ќе им треба на што помалку луѓе, но тогаш кога ќе треба да носи здравје и среќа. Новото крило на болницата сега ќе биде ставено во функција на борбата со КОВИД-19″, рече премиерот Заев.
Министерот Филипче се осврна на важноста од инвестирањето во оваа болница како центар за лекување во целиот струмички регион.
„Струмичката болница ја завршивме после повеќе од 30 години, сега таа почна да се опремува, еве дел и со донации. Ќе продолжиме и во текот на следната година кога ќе биде целосно опремена со кредитот од Светската банка, кој долго време го чекавме. Можеше да биде и порано на располагање за граѓаните ако не беше многу непринципиелна блокада од страна на опозицијата”, истакна Филипче.
Директорот д-р Гогов се заблагодари за донацијата, подвлекувајќи дека амбулантното возило е тоа што е најпотребно за болницата во моментов.
„Возилото е целосно опремено и ќе одговори на потребите на граѓаните и на медицинскиот персонал за да се чувствуваат безбедно при транспортот”, заклучи Гогов.
На настанот уште еднаш се апелираше да се почитуваат мерките, да се носи маска, да се држи дистанца и редовно да се одржува лична хигиена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар, Кисела Вода, Сопиште, Гази Баба и Карпош
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.00 до 16.00 часот, корисниците од ул. Мирослав Крлежа лоцирани позади грчка амбасада, како и стамбените објекти и локалите на бул. Партизански Одреди од бр. 19 до бр. 23, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 13. 40 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани на потегот од маркет Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. 8, како и дел од корисниците од ул. 12 во село Долно Соње, општина Сопиште;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улиците 30, 36 и 38 во населба Трубарево, општина Гази Баба;
– во периодот од 09.30 до 12.00 часот, корисниците од бул. Партизански Одреди бр. 70Б – ТЦ АЛУМИНКА, општина Карпош;
-во периодот од 11.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Женевска, општина Карпош.
Македонија
Времена измена во сообраќајот на делницата клучка Миладиновци – клучка Петровец
На 23/24.02.20026 на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци – клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички изведувања од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром, во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

