Македонија
(Видео) Се гради првиот висечки мост во Скопје, Шилегов најави архитектонско чудо
Почна изградбата на новиот, прв, висечки мост на улицата Љубљанска во скопската општина Карпош.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кажа дека овој мост се реализира со прераспределбата на средствата на ТАВ за изградба на каргоаеродромот во Штип.
„Град Скопје доби околу 380 милиони денари за изведба на овој мост – прв висечки мост, архитектонско чудо коешто има претензија да стане ново обележје на нашиот град“, рече Шилегов.
Тој најави дека изградбата на мостот ќе заврши за околу 18 месеци, на средината на 2023 година.
Со изградбата на новиот мост преку реката Вардар ќе се поврзат улицата Љубљанска и булеварот Илинден со улицата Скупи во општината Карпош. Овој прв висечки мост во Скопје е предвидено да има четири коловозни ленти и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.
Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри, а должината на самиот мост изнесува 113 метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грција со реакција на изјавата на Мицкоски: Името Северна Македонија е дел од Уставот
Грчкото Министерство за надворешни работи повтори дека Преспанскиот договор, со кој се реши деценискиот спор за името меѓу Атина и Скопје, е дел од уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво, објавија грчките медиуми.
Соопштението од грчкото Министерство следи по коментарите на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ефикасно ја вратил употребата на „Македонија“ на домашен терен.
Министерството нагласи дека уставното име на Северна Македонија е експлицитно дефинирано во член 1 од Преспанскиот договор, од кој е дел, и предупреди дека „секој обид за фалсификување или менување на содржината на договорот никогаш нема да биде прифатлив од грчката страна“.
Додаде дека договорот „е дел од меѓународното право и дека почитувањето на него е основа на мирниот соживот на луѓето и државите“.
„Во меѓународните договори нема фактички ситуации; нивното спроведување е униформно и универзално“, соопшти Министерството, истакнувајќи дека напредокот во билатералните односи и патот на Северна Македонија кон ЕУ „бараат строго почитување на договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“.
Мицкоски на 15 декември, гостувајќи во дневникот на телевизија Сител, рече дека го вратил името на државата, одговарајќи на прашање за критиките од опозициската СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а тоа не е сторено.
Македонија
Алиу-Сала: Постојат можности за продлабочување на соработката со Република Албанија во областа на здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на работната посета на Република Албанија оствари средба со министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Евис Сала, на која беше реафирмирана успешната билатерална соработка меѓу двете земји и можностите за понатамошно нејзино продлабочување во областа на здравството.
– Со Република Албанија имаме воспоставено успешна соработка, а со министерката Сала заеднички се залагаме за продлабочување на соработката во повеќе сегменти на здравствениот систем. Лично сметам дека размената на знаења и искуства меѓу медицинскиот кадар од двете земји придонесува кон целокупно унапредување на здравствената заштита. Воедно, ја информирав министерката за нашата заложба за јакнење на човечките ресурси и проактивно планирање на кадровските капацитети, со посебен акцент на унапредување на системот за специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите на граѓаните, истакна Алиу.
На работната средба на министрите Алиу и Сала стана збор и за дигитализацијата, како еден од клучните двигатели на развојот на здравствените системи во регионот.
Македонија
(Видео) Левица со најава дека ќе достави докази до ДКСК за Томовски и фирмата „Сити Аутсорсинг”
Бидејќи директорот на СОЗР Ивица Томовски одбива да одговори дали управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг” е негов личен пријател, Левица ќе достави фотографии до Антикорупциската комисија, која отвори предмет за овој случај, соопштија од партијата.
„Во оваа компанија која добила 5 милиони евра државни пари во тендери, како управител е заведено лице кое има бројни заеднички фотографии токму со Томовски, што ја потврдува поврзаноста на директорот на СОЗР. Заедничките фотографии ја отвораат дилемата дали управителот само формално фигурира во оваа компанија, која претходно беше во сопственост на семејството на Томовски?!
Потсетуваме дека името на компанијата „Сити Аутсорсинг” претходно гласеше „Сити Логистик”. Како „Сити Логистик”, компанијата добила тендери од 60.000 евра со потпис на Мицкоски, кога тој беше директор на ЕЛЕМ. Јавното обвинителство мора да отвори истрага како фирма каде управител бил Томовски, а Мицкоски делел тендери – сега добива 5 милиони евра државни пари?!“.
Левица, нагласуваат од оваа партија ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа контроверзна компанија, која очигледно, како што оценуваат, е параван за испумпување на државни пари за Мицкоски и неговите блиски соработници.
„За Левица е скандалозно што ОЈО не отвора ниту една постапка за компаниите каде се инволвирани соработниците на премиерот, што укажува дека апсолутистичкиот режим на ДПМНЕ целосно го има заробено правосудниот систем за да нема одговорност за нивните криминали“.

