Македонија
(Видео) Силјановска-Давкова: Законот за попис не е правна рамка за статистика, туку за политика
Ваков попис нема ниту во една европска држава, овој закон не е правна рамка за статистика, туку за политика, смета пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
„Еве живо сум заинтересирана за пример на земја во која на попис наместо резидентното население, она со постојано живеалиште, значи вие и јас, кои тука го поминуваме денот, во домот и остануваме тука да спиеме, се попишуваат оние коишто се надвор повеќе од 12 месеци. Замислете ваков попис во Ирска или во соседна Грција, или во соседна Бугарија, или во Италија, колкав ќе биде бројот на жителите, односно на вкупното население“, рече таа
Силјановска-Давкова смета дека Законот за попис не е правна рамка за статистика оти статистиката е потребна за утре да планираме здравство, образование, култура, социјална заштита, туку за политика.
„Или за трансформација за еден политичко, етнички ако сакате пазарен партиски договор во законот. Таквите закони се лоши закони. Уште една поента, еве нека ми каже некој дали има закон за попис каде било во регионот или во Европа во која т.н. најинформирано лице кој нема врска со правото може да ги даде сите податоци за отсутните па дури и да ја декларира нивната етничка припадност, иако во сите меѓународни и европски документи само лично може да ја изразите етничката и верската припадност“, рече пратеничката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.



Македонија
ЦУК со нови информации: Излеани реки, поплавени подрумски простории, земјоделски површини и дворови, пријавени свлечишта на патишта
Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска река има локално излевање кај село Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска река се излеа пред вливот во реката Брегалница.
Оризарска река се излеа кај село Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го има забрането сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото, извести Центарот за управување со кризи.
Злетовска река и река Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец село Неокази – село Петришино, сообраќајот е отежнат. За настанот е информиран ЦИК при СВР Штип.
На подрачјето на Скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд.
Во Охрид, одржан е состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид, со одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси.
Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај село Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон село Вапила. Надлежните институции се известени.
Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Околу 120 лица од ул. „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти, информираше ЦУК.
Во Битолско, градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти.
Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси.
Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица, со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки.
Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане засега нема излевање на реките. Забележани се подмрзнати коловози на одделни патни правци, каде надлежните служби интервенираат.
На подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема нарушување на редовната состојба, сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е стабилно.
Полошки регион
Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Општината интервенира со механизација.
Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби.
Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во село Стримница, каде е испратена механизација од ЈКП, се наведува во соопштението на ЦУК.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

