Македонија
(Видео) Скапароти-Шекеринска: Македонија сигурен партнер и иден сојузник на НАТО
Со нетрпение очекувам да станете 30. членка на НАТО, истакна командантот на Врховната команда на НАТО и командант на американските сили во Европа, генерал Куртис Скапароти, кој денеска престојуваше во Скопје.
Во рамките на посетата тој оствари средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при што двете страни искажаа задоволство од меѓусебната соработка и го истакнаа уверувањето дека по поканата за членство и по успешното завршување на пристапните разговори, Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО. Членството на Македонија во НАТО ќе ја зајакне безбедноста во регионот, ќе го забрза натамошниот развој на земјата и ќе ѝ донесе нов партнер на алијансата во борбата за зачувувањето на глобалниот мир и развој, беше заклучено во разговорите.

Шекеринска го информира генералот Скапароти за преземените реформи и за напорите да се забрзаат евро-атлантските интеграции на Македонија. Во тој контекст министерката истакна дека по добивањето на поканата од НАТО и по постигнатиот договор со Грција, наш прв приоритет останува целосната имплементација и финиширањето на процедурата за полноправно членство. „Мнозинството граѓани се свесни за историската можност и дека таа не треба да се пропушти“, рече министерката Шекеринска.
Министерката за одбрана и високиот гостин разговараа и за плановите за реформи во одбраната и нејзината модернизација во согласност со насоките од неодамна донесениот стратегиски одбранбен преглед, како и за продлабочување на техничката соработка со цел да се унапредат капацитетите на АРМ во функција на идното полноправно членство и натамошно учество во мировните мисии.
Шекеринска нагласи дека Македонија направи голем напредок во развојот на вооружените сили притоа давајќи му поддршка на НАТО во напорите за воспоставување мир и демократија во светот. „Како идна членка на НАТО, од почетокот на оваа година го зголемивме дваесет проценти македонскиот контингент во мисијата ’Одлучна поддршка’, до крајот на годината испраќаме поддршка за изборите во Авганистан, но и дополнително зголемување на нашите трупи. Исклучително сум задоволна што на дел од македонскиот контингент му е доверена исклучително одговорна задача – заштита на командата на мисијата во Кабул“, рече министерката.
Генералот Скапароти истакна дека ги цени напорите на министерката и на Владата на полето на одбранбената соработка, како и учеството во меѓународните мисии, и истакна дека НАТО и Соединетите Американски Држави и натаму остануваат силен поддржувач на нашата земја. „Подготвени сме да ви помогнеме да станете 30-та земја членка на НАТО“, рече Скапароти.

Дел од програмата беше и посета на касарната „Илинден“, каде што пред високиот гостин беа изведени показни вежби од страна на припадниците на Полкот за специјални операции. По средбата и по демонстрацијата на армиските капацитети, министерката за одбрана, Шекеринска, во изјава за медиумите истакна дека денешната посета и соработката покажуваат колку работите во Македонија се менуваат по 11 јули кога Македонија ја доби поканата за почеток на пристапните разговори во НАТО.
„Само две недели по добивање на НАТО-поканата, на 26 јули тим на алијансата ја посети Македонија со цел да се утврдат насоките за пристапните разговори за членство. Пет дена подоцна, на 1 август, северноатлантскиот совет во Брисел и формално го усвои планот за спроведување на пристапните разговори со Македонија“, рече министерката Шекеринска.

Генералот Скапароти кажа пофални зборови за прикажаните воени вештини за кои, рече тој, видливо ги користат НАТО-стандардите и НАТО-процедурите и додаде дека сето она што Македонија го прави во Авганистан високо е вреднувано од страна на алијансата. Генералот посочи дека преку долгогодишното партнерство со НАТО постигнат е значаен напредок во воените реформи и воената интероперабилност со сојузниците и понуди практична поддршка на воените авторитети во процесот на пристапување.
„НАТО ја споделува вашата посветеност на демократијата, владеењето на правото, како и безбедноста и стабилноста во регионот. Вашата постојана поддршка е важна не само за целиот Западен Балкан туку и за цела Европа“, рече Скапароти во изјавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

