Македонија
(Видео) Со „ер тракторите“ ќе се гаснат пожарите кај Серта и бугарската граница, цела ноќ пожарникарите се бореа со огнот кај Неготино
Три ер трактори ќе полетаат во 10.00 кон пожарот на Серта а околу 15.00 ќе се упатат кон пожарот на планината Огражден во близина на границата со Бугарија, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во изминатото деноноќие имало 26 пожари на отворено, а од нив утрово активни се пет.
Се уште гори кај Неготино во атарот на с.Калањево (каде што гори ниска вегетација и шума); Ново Село над с.Бадилен, месност „Шамок“ (борова шума); Гевгелија, помеѓу с.Негорци и Кованец (мешовита шума); Долнени, над с.Црнилиште (нискостеблеста вегетација) и во Општина Штип, помеѓу селата Драгоево и Селце, месност „Хаџи Реџепли“ (каде што гори ниска вегетација и грмушки).
Тероторијалната противпожарна единица Кавадарци објави дека после целодневните интервенции во Неготинското подрачје, нивните пожарникари цела ноќ се до утринските часеви гаснеле пожари во подножјето на висорамнината Љубаш, на 4 места во атарот на с.Манастирец и с.Трстеник.
Од рано утрово веќе се дејствува по активните пожари и како засилување на силите кои гаснат од земја, еден армиски хеликоптер започна со дејство врз пожарот на планината Серта додека полицискиот хеликоптер се подготвува да полета, а два авиона на ДЗС е планирано да полетаат кон Серта во 10.00 часот.
Изгаснатите 21 пожар се во општините: Центар, Чучер Сандево, Студеничани, Шуто Оризари, Бутел, Петровец, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари, Сарај, Битола, Прилеп, Долнени, Долнени, Струга, Струга, Градско Кочани, Штип, Тетово и во Општина Богданци.
Во јули 2024 до сега, заклучно со 12.07.2024 година, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

