Македонија
(Видео) Со средства од ЕУ отворен новиот објект на Одделот за форензички испитувања на МВР
Денеска, во кругот на МВР, свечено беше пуштен во употреба новиот објект на Одделот за форензички испитувања при МВР, капитален проект со ИПА-средства од пристапната помош на Европската Унија.
На настанот свое обраќање имаа претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир.
Ковачевски рече дека првпат во историјата на службата за форензички испитувања на високо ниво се унапредуваат условите за работа на припадниците на МВР, а од друга страна, овие модерни и добро опремени форензички лаборатории ќе бидат корисна алатка на полицијата и на правосудниот систем во борбата со криминалот, што ќе резултира со поквалитетна истрага и зголемена откривачка дејност.
„Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европски практики и стандарди. Градиме институции во Северна Македонија како земја членка на НАТО, земја на патот кон Европската Унија, да бидат подготвени соодветно да одговорат на предизвиците што ги наметнуваат геополитичките случувања. Безбедносните предизвици, криминалот и корупцијата не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, затоа на врвот на приоритети на Владата е да ја развиваме и унапредуваме полициската служба“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање.
Спасовски рече дека во тек на долгогодишниот развоен процес македонските форензички лаборатории постојано се модернизираат, а се имплементираат и меѓународни стандарди од областа на форензичкото работење. Одделот за форензички испитувања, вели Спасовски, е акредитиран во согласност со барањата на меѓународниот стандард ISO 17025 за компетентно, непристрасно и доследно работење на лабораториите.
„Паралелно со опремувањето на форензичките лаборатории со современа опрема, зголеменото потпирање на научни докази бараше и соодветни просторни капацитети за целосно практично ефектуирање на надлежностите на лабораториите. Тоа е диктирано и од зголемување на обемот на работа во лабораториите, а во исто време и од воведувањето лабораториски операции, кои се со зголемена сензитивност и прецизност“, рече министерот Спасовски.
Притоа тој истакна дека објектот е изграден со средства од ЕУ-националната ИПА-програма.
„Целта на овој проект беше изградба на нова зграда за потребите на Одделот за форензички испитувања, со потребните лаборатории, опремени со електронска контрола на пристап, специјални огноотпорни врати, аларми и апарати за гаснење пожар, видеонадзор, заштитени прозорци, соодветен систем за вентилација, како и соодветни простории за складирање. Со новите простории се обезбедува доволен простор за складирање, третирање, обработка и архивирање докази, што ќе овозможи правилно спроведување на оперативните процедури и системите за контрола во согласност со веќе дадените препораки, со што се утврдуваат основите за акредитација на лабораторијата според стандардите на ЕУ“, истакна министерот Спасовски додавајќи дека ова е уште една алка во низата проекти што се имплементираат во соработка со Европската Унија, а потсети и на 80 реконструкции на објектите на МВР на територијата на целата држава.

Министерот Спасовски, изразувајќи благодарност до Европската Унија за сесрдната поддршка во изградбата на објектот, потенцира дека изградбата на новиот објект за форензички испитувања претставува значајна капитална инвестиција за иднината на македонската форензика и ја покажува одлучноста на Владата и МВР во борбата против криминалот. „На мое огромно задоволство денеска можам да кажам дека ја добивме најголемата и најсовремена форензичка лабораторија на Балканот. Овој влог е директна потврда за поддршката што ја имаме во пристапните преговори, што претставува дополнителен мотив цврсто да опстоиме на нашите интенции за интеграција во Европската Унија“, рече министерот Спасовски посакувајќи им успех на вработените во Одделот за форензички испитувања во секојдневното работење.
Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија во своето поздравно обраќање рече дека ЕУ постави минимални стандарди за форензичките практики во сите земји членки, стандарди што се очекува да бидат имплементирани и од идните членки.
„Овој проект има цел да го постигне токму тоа. ЕУ обезбеди специјализирана форензичка опрема и ја финансира изградбата на зградата во која е сместен овој оддел, во вредност од 3,6 милиони евра. Овој проект е само дел од големата помош на ЕУ за полициските реформи, што е една од најпредизвикувачките задачи што една влада може да ги преземе на патот кон интеграцијата во ЕУ. И тоа е дел од реформата на владеењето на правото – напредокот на кој ќе го одреди темпото на пристапување“, истакна амбасадорот Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

