Македонија
(Видео) Спасовски во посета на 75. реконструиран објект на ОВР Берово
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на МВР оствари посета на реконструираниот објект на Одделението за внатрешни работи Берово, во присуство на градоначалникот на oпштина Берово, Звонко Пекевски, при што беше извршен увид во градежно-занаетчиските работи на овој објект којшто е 75. реконструиран објект на Министерството, во рамки на стратешкиот план за севкупно подобрување на условите и материјално-техничките капацитети на македонската полиција.
„За целосната реконструкција и санација на 75. реконструиран објект на ОВР Берово беа издвоени 26 милиони денари од буџетот на Министерството, и по направениот увид можам да констатирам дека сите планирани градежни работи се извршени навремено и квалитетно, при што се имплементирани потребните мерки и стандарди за енергетска ефикасност на објектот“, посочи министерот за внатрешни работи Спасовски, додавајќи дека сега веќе над 60% од бројот на објекти се енергетски ефикасни, а за имплементација на овие мерки, вклучително со комплетните реконструкциски активности, од буџетот на МВР беа инвестирани околу 460 милиони денари.
Министерот Спасовски ја најави и кампањата што од наредната недела стартува во рамки на МВР под мотото „Сината униформа дејствува за зелена околина“, која произлегува од веќе реализираните активности во насока на зголемување на енергетската ефикасност и поголемо учество на обновливите извори на енергија преку инвестициите во објектите на МВР и која има за цел да ја подигне јавната свест кај институциите, деловните субјекти и граѓаните дека секој може да придонесе за поголеми заштеди и заедничко менување на енергетскиот профил на државата, но и намалена загаденост на воздухот и зелена околина.
Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски упати благодарност до МВР што овозможија по долги години зградата на ОВР Берово да биде целосно реконструирана и во нови услови да нуди модерен сервис на услуги кон граѓаните, силно гарантирајќи ја нивната безбедност и сигурност.
„Со реконструкцијата на овој објект уште еднаш ја потврдуваме заедничката посветена работа која се гледа во сите општествени сфери. Уште повеќе што имплементираните мерки за енергетска ефикасност се во насока на определбата на беровци, нашето Берово да остане еколошки чисто, за во него да продолжат да се произведуваат екопроизводи, препознатливи во целата држава. А нашата полиција останува пример за тоа како се дејствува одговорно и како се сака татковината”, рече Пекевски во изјавата пред медиумите.
Министерството за внатрешни работи продолжува со несмален интензитет во реализацијата на зацртаните градежни активности, опремување и зајакнување на капацитетите, имплементирање на европски стандарди, во насока на подобрување на условите за работа на полициските службеници, а со цел подобри резултати во полициското работење и унапредување на севкупната безбедносна состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

