Македонија
(Видео) Спасовски ги посети кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово
„Со големо задоволство ја прифатив поканата на Центарот за обука во Идризово за да видам како изгледа еден работен ден на кандидатите за полициски службеници од генерацијата 2019/2020. Посебно што, овие наши идни колеги, веќе го следат последниот од трите образовни модула – секој во траење од по четири месеци, исполнети со стручно и темелно подготвена наставна програма и практична работа, и за некој месец ќе започнат ново поглавје во нивниот професионален живот, со нивното официјално промовирање во припадници на полицијата на Република Северна Македонија“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука.
Министерот Спасовски ја искористи можноста да ги поздрави идните полициски службеници, кои пред започнувањето на професионалната обука поминаа низ интензивни и сложени циклуси на селекција базирана на сеопфатен систем на оценување и проценка на физичките, но и општообразовните, психолошките и здравствените критериуми, но и да види како изгледа сегмент од нивната теоретска обука, каде учат и ги совладуваат сите фундаментални знаења и практики од полициското работење, како и работа на подобрување на практичните вештини во спортската сала на Центарот, што секако ќе биде важен сегмент во понатамошниот работен ангажман на кандидатите.
„Иако професионалната обука за полициски службеници трае 12 месеци, оваа генерација беше принудена да се прилагоди на условите предизвикани од пандемијата со коронавирусот, што претпоставуваше професионалната обука да ја следат во период од година и два месеца, и тоа поделени во четири групи. А посебно задоволство причинува фактот што и оваа генерација може да се пофали со зајакнување на родовата рамноправност, односно 100-тина од вкупниот број на кандидати за полициски службеници се жени, што секако ќе придонесе за поуспешно интегрирање на жените во составот на полицијата, чија улога е извонредно важна во полициското работење“, посочи министерот Спасовски, порачувајќи им на кандидатите за полициски службеници да го вложат својот максимум до крајот на овој последен модул, со цел што подобри резултати во името на професионалните стремежи.
Во текот на посетата министерот Спасовски реализираше средба и со помошник министерот на Центарот за обука, Гоце Бачанов, кој информираше за актуелните состојби во Центарот за обука, текот на полициската едукација и предизвиците со кои се соочи генерацијата 2019/2020, како и предвидените активности на Центарот во тукушто отпочнатата година, во насока на континуирана полициска едукација согласно критериумите за квалитет на национално и на меѓународно ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

