Македонија
(Видео) Спасовски: Граѓаните да пријават ако некој да им се заканува да не излегуваат на референдум
,,Полициската станица што се наоѓа на територијата на општина Бутел има значителни позитивни резултати во изминатата година во намалувањето на криминалитетот и особено во делот на регулирањето на сообраќајот”, рече министерот Оливер Спасовски по денешната посета на општина Бутел.
,,Сакам да им се заблагодарам на граѓаните од оваа општина што придонесоа да покажеме дека можеме да го средиме сообраќајниот хаос кој постоеше и ги повикувам и понатаму да бидат партнери на македонската полиција. Со градоначалникот на општина Бутел разговаравме околу нашите заеднички надлежности. Благодарам што градоначалникот има разбирање за обезбедување на место за изградба на нова полициска станица, што ни е потребна за да ги подобриме условите за работа на полициските службеници и се надевам дека многу скоро ќе имаме можност да започнеме со реализација на едне ваков значаен проект“, рече Спасовски по средбата со градоначалникот Велимир Смилевски.
На средбите во полициската станица и во локалната самоуправа се разговараше и за референдумот на 30 септември. ,,Ова е историски миг за нашата држава. Апелирам ако кој било се заканува на кој било граѓанин да не излегува на референдум, граѓаните тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Несомнено е дека и граѓаните од општина Бутел се подготвени да и дадат шанса на Република Македонија и да ги поддржат ЕУ и НАТО интеграциите”, рече Спасовски.
Тој рече дека МВР ги презема сите неопходни мерки за претстојните посети на високи странски делегации, а самите посети се доказ за поддршката што Република Македонија ја има од меѓународната заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје
Утре (06.01.2026), по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници“, велат од МВР.
Македонија
Во Битола промовирана нова опрема за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион
Денеска во Битола беше промовирана и доделена дел од предвидената опрема за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Премиерот Христијан Мицкоски беше придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа и заменик-министерката Ане Лашкоска.
Пред присутните градоначалници и претставници на општините, како и партнерите од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и донаторите SECO, WBIF и СИДА, премиерот Мицкоски изјави дека со денешниот настан се испраќа силна и недвосмислена порака дека државата чекори напред од систем кој со децении бил запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
„Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните. Оваа опрема не е само техничко средство, таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад како во урбаните, така и во руралните средини“, рече премиерот Мицкоски.
Со возилата, контејнерите и кантите за отпад кои Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање ги доделува на јавните комунални претпријатија, ќе се олесни и ќе се подобри работата на комуналните служби во општините од двата региони.
На паркингот пред спортската сала беше изложен дел од опремата – 10 камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони со капацитет од 12 кубни метри, еден кипер камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека станува збор за исклучително значаен проект за животната средина, кој бара системски пристап на локално, регионално и централно ниво за да се постигнат трајни решенија за проблем кој со децении ги засега граѓаните, особено во големите урбани средини.
„Регионалниот проект за управување со цврст отпад не значи само изградба на депонија, набавка на камиони или контејнери. Тој претставува нов начин на управување, систем заснован на европски стандарди, одговорност и регионална соработка, целосно усогласен со директивите на Европската Унија. За Битола, како најголема општина во Пелагонискиот регион и еден од најголемите генератори на комунален отпад, овој проект значи крај на импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо управување со отпадот“, рече Коњановски.
Тој потсети дека регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во општина Новаци, во кругот на РЕК Битола, како резултат на регионална солидарност и заемна доверба меѓу општините, додавајќи дека Битола ја поддржува оваа одлука бидејќи само преку заеднички решенија може да се обезбеди чист регион и здрава животна средина.
„Со реализацијата на планираните активности ќе се овозможи затворање и санација на постојните нестандардни депонии, како и воспоставување нов систем со претоварни станици во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево. Ова ќе придонесе за значително намалување на загадувањето, заштита на почвата и подземните води и подобри услови за граѓаните“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека конкретните придобивки за Битола веќе се видливи преку испораката на нова опрема – канти, контејнери и камиони за собирање отпад, што создава услови за поголема покриеност со услугата во урбани и рурални средини, поефикасно собирање и воведување селекција уште на местото на создавање на отпадот.
Коњановски потенцираше дека инфраструктурата сама по себе не е доволна и дека успехот на системот ќе зависи од тоа колку општините, јавните претпријатија, институциите и граѓаните ќе ја прифатат новата култура на одговорно постапување со отпадот.
„Овој проект е доказ дека кога државата, општините и меѓународните партнери работат заедно, резултатите се конкретни, видливи и корисни за сите. Заедно градиме почиста Битола, почист Пелагониски регион и се грижиме за иднината на нашите граѓани“, рече градоначалникот на Битола.
На настанот се обратија и министерот за животна средина и просторно планирање, како и градоначалникот на Општина Новаци.

