Македонија
(Видео) Спасовски: Заедно ќе успееме да ги пребродиме последиците од кризата

Во име на Владата, техничкиот премиер Оливер Спасовски, им го честита на сите граѓани од исламска вероисповед празникот Рамазан Бајрам.
Видео-обраќањето на премиерот Спасовски го пренесуваме во целост:
„На сите припадници на Исламската вероисповед во нашата земја, во мое, и во име на Владата на Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам.Оваа година Рамазан Бајрам, како празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност, има посебно значење заради актуелната здравствено-економска криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Светиот месец Рамазан е најблагородниот и најсреќниот месец за граѓаните од исламската вероисповед.Крајот на постот и дарбите што се стекнуваат за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, ги украсуваат верниците со дух на трпение, несебичност и дарежливост за да се споделат благодатите на празникот со членовите на семејствата, роднините, пријателите и соседи.
Во овие услови, Рамазан Бајрам не повикува да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме заедно по патот што го избравме, здружено и единствени.Градиме заедно едно општество за сите граѓани, со еднакви шанси за секој и знам дека само заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме сите, па и овие последиците од кризата.
Во духот на празникот Рамазан Бајрам како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата, да ги почитуваме препораките за предострожност и заштита со носење на заштитна опрема и за одржување безбедна физичка дистанца. Оваа година да прифатиме дека со почитувањето на здравствените безбедносни препораки ќе се заштитиме себе си, нашите блиски и сите околу нас.На крајот дозволете ми да ви посакам празничните денови да ги поминете во радост и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила“, се вели во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Јанков: Масовно излезете на 19 октомври и заокружете го бројот 9 за историска победа во Струмица

Петар Јанков, кандидат за градоначалник на општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес се заблагодари за огромната поддршка која што ВМРО-ДПМНЕ ја добива од граѓаните во Струмица.
„Секојдневно сме меѓу вас, разговараме, добиваме огромна поддршка, благодарност за поддршката“, вели Јанков.
Јанков ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да излезат, да го заокружат бројот 9, се со цел огромна победа во Струмица.
„Ве повикувам на 19 октомври масовно да излезете, да го заокружите бројот 9 и да извојуваме една голема победа во Струмица“, истакна Јанков.