Македонија
(Видео) Спасовски: За подобра инфраструктура во Чучер Сандево вложени се над 9 и пол милиони денари
Квалитетната инфраструктура е многу значајна за економски раст и развој и е едно од клучните барања како на бизнисот така и на граѓаните, рече премиерот Оливер Спасовски при денешната работна посета на општина Чучер Сандево.
Тој нагласи дека во општината се реализираат 4 проекти од Програмата за рамномерен регионален развој со вкупна вредност од над 9 и пол милиони денари.
„Тоа се проектот за разрешување на проблемите со поројните води на Скопска Црна Гора со посебен акцент на општините Чучер Сандево и Бутел, потоа проектот за воспоставување систем за следење на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопската Котлина, кој е од особено значење за општината, проектот за реконструкција на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Блаце, како и рехабилитацијата на дел од локалниот пат за село Блаце“, нагласи Спасовски.
Објасни дека денешната средбата е со цел утврдување на динамиката на тековните активности и проекти во општината кои се спроведуваат со поддршка на Владата.
„Оваа наша активност е во насока на нашата трајна и стратешка определба да овозможиме рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место“, посочи премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

