Македонија
(Видео) Спасовски и Аврамопулос потпишаа договор за спречување на илегалната миграција и прекуграничниот криминал
Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, и европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и граѓанство, Дмитрис Аврамопулос, денеска во Брисел потпишаа договор за статус меѓу ЕУ и Република Македонија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во земјата.
„Овој договор е израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање одржливи трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал. Нашата досегашна соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога работиме заедно, можеме успешно заеднички да ги решиме предизвиците. Во тој контекст овој договор ја отвора вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување“ рече Спасовски.
Со овој договор, како што потенцира министерот Спасовски, Република Македонија го зајакнува својот партнерски однос со Европската Унија обезбедувајќи Агенцијата и Република Македонија како рамноправни партнери да преземаат заеднички акции насочени кон спречување на илегалната миграција и прекуграничниот криминал.

„Претходните години Република Македонија, освен со внатрешната криза предизвикана од непочитување на правото и девалвација на институциите на системот, се соочи и со големи предизвици предизвикани од мигрантската криза во светот. Ова ја стави Република Македонија пред тежок испит, да го покаже пред светот својот капацитет да се справи како со внатрешните така и со надворешните предизвици. Денес, мојата земја чекори на патот на евро-атлантските интегративни процеси, помогната од своите соседи во кои гледа пријатели. Фактот што Европската Унија ја препозна Република Македонија како посветен и стабилен партнер, со кој ќе склучи договор за да обезбеди уште посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните и на Република Македонија и на Европската Унија, е уште една потврда дека мојата земја чекори по патот на напредокот“, потенцира Спасовски.
Заблагодарувајќи се на континуиранта поддршка и помош на ЕУ во зајакнувањето на техничките, оперативните и кадровските капацитети на македонските гранични полициски сили, министерот Спасовски напомна дека позитивното искуство, помошта што ја имаше Република Македонија од присуството на повеќе од 3.000 странски полициски службеници за изминатите три години, охрабрува дека со овој договор сме на вистинскиот пат, но овој пат трасирајќи подолгорочна и подлабока соработка со земјите членки на Европската Унија во името на што побезбедни европски граници.
Еврокомесарот Аврамопулос, пак, од своја страна, честитајќи ѝ на нашата земја за овој важен исчекор во поконкретната оперативна соработка меѓу ЕУ и Македонија, потенцира дека денешниот договор ќе овозможи целосно искористување на сите потенцијали на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, а во насока на брзо реагирање при евентуалните миграциски предизвици и заштита на нашите заеднички граници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

