Македонија
(Видео) Спасовски: Предадена опрема во вредност од над 7,3 милиони денари од страна на РСБСП за потребите на сообраќајната полиција
Денеска, во кругот на Министерството за внатрешни работи, на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од страна на претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, му беше предадена опрема од мотоцикли за сообраќајната полиција.
„Овој денешен настан претставува уште една можност ние како Министерство за внатрешни работи, заедно со нашите партнери од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, да ја демонстрираме нашата докажана и плодна повеќегодишна соработка со единствена цел – подобрување на безбедноста во сообраќајот. Покрај многуте претходни примери на партнерство, денеска го официјализираме и ова примопредавање на опремата вредна над 7,3 милиони денари, која се состои од 12 мотоцикли ‘пијаџо беверли’, целосно опремени за потребите на сообраќајната полиција, што нашите пријатели од РСБСП денеска ни ја врачуваат на користење“, рече министерот Спасовски притоа додавајќи дека таквото заедништво претставува еден крајно позитивен и важен пример за тоа како меѓуинституционалната соработка може и треба да се реализира и развива, во конкретниот случај во интерес на сите фактори и учесници во сообраќајот.
Претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, истакна дека соработката помеѓу РСБСП и МВР е заедничка цел и законска обврска.
„Искуството од минатите години покажа дека РСБСП и МВР се пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка, што ќе продолжи и понатаму. Унапредувањето на работата на сообраќајната полиција и подобрувањето на нејзините капацитети е од исклучителна важност за подобрување на безбедноста на патниот сообраќај. Примената на современа техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените контроли од стана на сообраќајната полиција“, истакна претседателката Кожуваровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

