Македонија
(Видео) Спасовски: Претседателот Трајковски останува запаметен како неприкосновен лидер кој го сочува мирот во државата
Денеска во Мостар, Босна и Херцеговина, во име на Владата на Република Северна Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски положи цвеќе на спомен обележјето на несреќата кај Ротимље, на државничка церемонија по повод навршувањето на 19 години од трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски и делегацијата којашто го придружуваше.
Во име на Босна и Херцеговина пред спомен обележјето почит оддадоа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, како и високи претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина, претставници на Кабинетите на претседавачот на г-а Цвијановиќ и господата Комшиќ и Беќировиќ.
Во име на Владата на Република Северна Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше пригодно обраќање во чест и спомен на вториот македонски претседател Борис Трајковски.
„Големите луѓе никогаш не умираат, тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности.
Таков беше и поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој пред 19 години прерано и трагично го загуби животот во авионската несреќа кај Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, заедно со делегацијата којашто го придружуваше. Денеска сме тука да оддадеме почест, со посебен пиетет поклонувајќи се и положувајќи цвеќе пред спомен обележјето на несреќата во Ротимље. Потсетувајќи се на вредностите кои тој ги негуваше и ширеше, секогаш промовирајќи соработка и помирување, Борис Трајковски останува симбол на вистинско лидерство во еден исклучително тежок период, но и при сите средби со народот, дипломатите, домашните и светските политичари”, рече министерот Спасовски во своето обраќање.
Истакнувајќи го фактот дека претседателот Трајковски беше признаен во дипломатските кругови како неприкосновен политички лидер и добар пријател со државниците од целиот свет, министерот Спасовски рече:
„Тој и по 19 години останува запаметен како доблесен и мудар државник, кој во еден важен транзициски период, кога се соочивме со тешки одлуки, успеа да го зачува мирот во земјата и во регионот, да ги зацврсти меѓуетничките односи, да биде посветен на демократските идеали и на евроатланската ориентација, како вистински визионер”, рече министерот Спасовски.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски упати благодарност до братска Босна и Херцеговина за организацијата на државничката церемонија, до раководството на Град Мостар и Општина Столац за континуитетот во оддавање почест по повод одбележувањето на смртта на претседателот Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

