Македонија
(Видео) Спасовски: Развиореното знаме во НАТО е симбол на безбедна и просперитетна иднина
Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено беа подигнати три знамиња на Република Северна Македонија – две во Белгија, во седиштето на НАТО во Брисел и пред Сојузничката команда за операции во Монс, и едно во САД, во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.
Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видеоврска во Скопје ја следеше Владата на седница со која претседаваше техничкиот премиер Оливер Спасовски и кој на крајот на свечената церемонија имаше кусо обраќање.
„Денеска го остваривме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес.
Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО.Патот беше долг, но наградата што пристигна денеска, со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел – ја заслуживме.
Бидете горди почитувани мои сограѓани. Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја. Навистина, ние денеска водиме една друга битка, битката со короната, но за момент ќе си дозволиме да се израдуваме. Да се запише дека денеска е ден за паметење. Ден историја. Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северно-атлантската алијанса. Најмоќниот воено-безбедносен сојуз во историјата на човештвото.
Многу бргу по независноста на нашата земја, тргнавме во остварување на оваа наша стратешка цел. Се соочувавме и ги совладувавме сите предизвици. Во последните три години ги направивме клучните реформи и ги донесовме историските одлуки што го помрднаа силно напред нашиот евро-атлантски процес, кој беше сериозно загрозен. Со големите одлуки станавме подобра држава и подобро општество, и наградата стигна заслужено. Бидете уверени дека ќе ја совладаме битката со коронавирусот и ќе го продолжиме нашиот пат на кој си поставивме остварување на другата стратешка цел – успешна завршница на процесот на преговори и членство во Европската Унија.
Ќе продолжиме да работиме на успешно спроведување на процесите за уште подобро општество и за уште подобра државна заедница на сите наши граѓани. Држава која ќе остане искрен и добар сосед со сите земји во нашиот регион. Држава којашто ќе ги зајакне своите капацитети и која ќе биде партнер на сите наши НАТО-сојузници во глобалните предизвици за чување на мирот.
Сојузник од кој ќе може сите останати партнери во НАТО да очекуваат поддршка и сојузник кој секогаш ќе може да смета на сите останати земји членки“, рече тој.
Формалната постапка за полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

