Македонија
(Видео) Спасовски учествуваше на донаторска конференција „Заедно за Албанија“ во Брисел
„Владата и народот на нашата земја активно ќе учествуваат во координираната донаторска иницијатива за санирање и ублажување на последиците од трагичниот земјотрес – ‘Заедно за Албанија’ и за таа цел е формирана работна група со учество на претставници од релевантни институции, кои ќе изработат план за помош за обнова на земјата и за справување со последиците од земјотресите, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски на донаторската конференција за Албанија во Брисел.
Во своето обраќање на конференцијата во организација на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на која освен земјите членки на ЕУ учествуваат и земјите од Западен Балкан, премиерот Спасовски истакна дека народот со голема загриженост го дочека утрото на 26 ноември минатата година и ги следеше информациите за трагичните последици од силниот земјотрес во Албанија во Драч и во околината на овој град.Уште истиот ден, Владата донесе одлука тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, да заминат за Албанија и да помагаат во координираните акции на спасувачките екипи на локалните власти.
„Во името на солидарноста како темел врз која се гради идејата за Европската Унија, Северна Македонија веднаш упати тимови за прва помош и спасување кои ги ставија на располагање сите свои капацитети, сите свои вештини за да помогнат да се спаси и да се згрижи секој човечки живот и болка. Тоа беше не само професионална должност, тоа беше човечки, солидарен одговор на секој поединец во спасувачките екипи за да им се помогне на луѓето, на нашите пријатели во Албанија во неволја“, истакна Спасовски.
Владата истиот ден кога се случи земјотресот донесе одлука да се издвојат шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија. Спасовски нагласи дека Владата внимателно го разгледа извештајот за проценката на штетите од земјотресот, подготвен од страна на Делегацијата на Европската Унија во Тирана, и дека е подготвена соодветно да одговори на потребите детектирани во извештајот и да се вклучи во континуираната поддршка и помош за санирање на штетите и за ублажување на последиците од земјотресот.
„Европската Унија, меѓу другото, е заедница на вредности. Една од тие темелни вредности е солидарноста, и оваа конференција потврдува дека земјите членки на Европската Унија ја негуваат и афирмираат оваа вредност. Република Северна Македонија и Албанија не се земји членки на Европската Унија, но грижата што ја покажува Европската комисија ги охрабрува владите и народите на овие две земји и им дава за право и охрабрување дека прифаќањето на европските вредности е сериозен влог во нивните аспирации еден ден да го остварат својот стремеж и да бидат рамноправни членки на Европската Унија“, рече Спасовски на донаторската конференција за Албанија во Брисел.
Своето обраќање пред Европската комисија во Брисел и пред претставниците на владите на земјите членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, Спасовски го заврши со пораката во името на народот на Северна Македонија, дека предлогот за новата методологија за процесот на проширување на Европската Униј, донесе нови очекувања и дека во претстојниот период ќе ја дочекаме убавата вест од Брисел за старт на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

