Македонија
(Видео) Средба Заев-Даниелсон: Правиме смели чекори за почнување на преговорите за ЕУ во јуни
Премиерот Зоран Заев, денеска, го прими во посета директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој заедно со амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар, и со други претставници на мисијата во Скопје, учествуваа на состанокот на кој се презентира актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија.
По тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и господинот Даниелсон, се одржа и заедничкиот состанок со заменик-претседателот во Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, со министерката за правда, Рената Дескоска, со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како членови на Владата најнепосредно задолжени за областите во кои се спроведуваат реформите што Европската комисија ги посочи како приоритети за нашата земја во актуелниот извештаен период за напредокот на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес.
Денешниот состанок го отвори премиерот Зоран Заев, кој во своето обраќање, меѓу другото, истакна дека за нашата земја поддршката на Европската комисија, институциите на Европската Унија, земјите членки на ЕУ, на нашите соседи и многу други лидери беше клучна за цврсто да зачекориме напред и да се врати Република Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, како и за стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата земја.

За Република Македонија, 2018 година беше година од историско значење, за конечно решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со договорот од Преспа и со ратификацијата во двете земји затворивме проблем што постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство, кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ. Паралелно со овој процес, Владата работеше напорно на клучните реформски области што ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018 како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.
„Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата, ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги почне преговорите во јуни 2019 година. Денес, судството е далеку понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушување, законот важи за сите, без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“, истакна премиерот Заев.
Тој информира дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите што следуваат.
„Убеден сум дека овие нови стандарди што оваа Влада ги постави, ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ, кои долго беа замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати, кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општеството, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и почнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до регионот на Западен Балкан дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува“, рече во своето воведно обраќање на состанокот на кој се презентира актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија и на кој присуствуваше директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон.
Бујар Османи потенцира дека спроведувањето на реформските пакети се остварува со предвидената динамика и ги следи препораките на Европската комисија и го нагласи фактот дека надминувањето на политиките пречки за исполнување на реформите во голема мера учествува и во кохезијата на македонското општество поради сознанието дека реформите ја приближуваат земјата кон неподелената стратешка определба на граѓаните за евро-атлантските интеграции.
Заменик-претседателот во Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето обраќање на состанокот говореше за реформскиот пакет кој се однесува на безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и нагласи дека тој ќе биде затворен до крајот на извештајниот период на Европската комисија, односно до крајот на април, вклучувајќи го и формирањето на советот за граѓански надзор за работата на безбедносните служби.
Рената Дескоска како министерка за правда на состанокот со директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, детаљно информира за системот закони од правосудството, за Законот за борбата против корупцијата и спречувањето на конфликтот на интереси, како и за Изборниот законик и за другите закони. Таа нагласи дека сите овие закони се донесени или се финализираат во целосна и сеопфатна соработка со стручните тела на Европската комисија и меѓународните организации од оваа сфера. Министерката за правда потенцира дека Владата на РМ е максимално посветена на тоа овие закони да бидат усвоени со политички консензус и во соработка со опозицијата како клучни закони за враќање на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги презентираше најновите информации за спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, кој опфаќа повеќе законски решенија за професионална, департизирана и кон граѓаните ориентирана државна администрација. Во неговото обраќање посебно место имаа и реформските процеси за дигитализација на општеството како предуслов за едноставни и модерни услуги за граѓаните, како и прашањата за сајбер безбедност и за имплементација на најновите методологии за образование за информатички вештини на учениците.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, нагласи дека во надворешната политика нашата земја останува на веќе утврдените приоритети за евро-атлантските интеграции, за добрососедска политика и за зацврстување на стратешкото пријателство со земјите партнери од НАТО и ЕУ, како и со сите други земји со кои нашата земја има воспоставено принципиелни пријателски односи. Тој истакна дека очекува Република Македонија, со поддршка на ЕУ, да извојува уште една историска победа за себе и за ЕУ и да ги почне преговорите со Европската комисија во јуни оваа година.
Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, на состанокот со Заев и со надлежните министри на ресорите од приоритетно значење за реформите до извештајниот период на ЕК во април истакна дека во име на Европската комисија уште еднаш ги пренесува честитките за историскиот договор со Грција и дека таа останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Република Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година, отворањето на поглавјата да почне во јуни оваа година. Тој истакна дека напредокот и посветеноста на Владата се видливи и дека Европската комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

