Македонија
(Видео) Стефан Васев: Предлогот Јелена Жугиќ да биде во УО на МКЦ треба да се повлече
„Речиси два месеца по изборот, градоначлничката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, покажува неспособност и носи одлуки што се спротивни на интересите на граѓаните на Скопје. СДСМ и граѓаните се противат на партизацијата и на последните скандалозни предлози на ‘независната’ Данела Арсовска за поставување лица на режимот на клучни позиции. Предлогот Јелена Жугиќ да биде член на Управниот одбор на Младинскиот културен центар, култниот МКЦ, треба да биде повлечен”, изјави на денешната прес-конференција Стефан Васев од СДСМ.
Од владејачката партија наведуваат дека актерката Јелена Жугиќ со години беше дел од режимот, а најпозната е по скандалозното барање шарената револуција да се спречи со гумени куршуми. МКЦ не смее да се уништува со лица од режимот. Во оваа институција потребни се луѓе, професионалци со суштинско познавање на независната сцена и култура. Тие додаваат дека се на страната на граѓаните, а ова е пример за очигледна и груба партизација на институциите под надлежност на Град Скопје, на што советниците од СДСМ се спротивставуваат.
„Наместо работа, реализација на капитални проекти, гледаме дека Арсовска, единствено се зафаќа со прекинување на големи и важни проекти за скопјани, со партизација на јавните претпријатија во Скопје. Арсовска вети дека во првите 82 дена од нејзиниот мандат ќе воведе бесплатен јавен превози и не само што не го исполни, дури го откажува проектот и за БРТ. Наместо да мисли како да ги смести кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска да се зафати за работи за доброто на граѓаните на Скопје“, изјави Стефан Васев од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
150.000 пензионери од вкупно 330.000 пред линеарното покачување имаа пензии од 10-12.000 денари, потсети Мицкоски
Заклучно со април 2026 година линеарното покачување на пензиите, кое почна во ноември 2024 година, ќе изнесува 7.000 денари, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања на пуштањето во употреба на нова детска градинка во Кочани, премиерот рече дека токму линеарното покачување на пензиите ја намалило сиромаштијата кај пензионерите кои и сега се најсиромашните во земјава, а придонело и за правилна распределба на приходите.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала споредена со 2023 година, изнесува 21,9%. Во 2023 година стапката сиромаштија изнесуваше 22,2%. Ако се спореди со 2021 година, тогаш е 23%. Цениме дека со оваа интервенција, која ја почнавме уште во ноември 2024 година за октомвриската пензија, кај пензионерите ќе влијаеме уште попозитивно во намалување на стапката на сиромаштија бидејќи од оние параметри кои ги објави Државниот завод за статистика јасно се гледа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. После овие интервенции на линеарно зголемување не само што се намалува тој јаз односно се зголемува правилната распределба на приходите туку се намалува и стапката на сиромаштија бидејќи заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување за 7.000 денари“, рече премиерот Мицкоски.
Тој не сакаше да ги коментира одлуките на Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите кој ќе ја разгледува законитоста кога ќе биде во полн состав оти сега има двајца судии помалку, но потсети дека пред да почне линеарното покачување на пензиите имаше пензии и од 10.000 денари.
„Ќе ве потсетам на уште еден параметар кој го забораваме, дека 150.000 пензионери пред да почне ова линеарно зголемување имаа пензии кои беа околу 10-12.000 денари. 150.000 пензионери од 330.000. Тоа значи дека со ова линеарно зголемување нема пензија која е под 15.000 денари односно се движат од 17-19.000 денари. Како Влада ќе продолжиме во таа насока“, рече премиерот Мицкоски и кажа дека продолжуваат со поддршка не само на пензионерите туку и на другите целни групи во земјава.
Во октомври 2024 година пензиите линеарно се зголемија за 2.500 денари, во март 2025 година уште еднаш линеарно се зголемија за 2.500 денари, третото линеарно зголемување беше во септември минатата година кое изнесуваше 1.000 денари, а во март оваа година пензиите ќе се покачат уште за 1.000 денари.

