Македонија
(Видео) Стоилковски: Владата и Обвинителството да кажат кој сѐ е вмешан во „Рекет“
Секому му е јасно дека „Рекет“ не застанува на тројцата обвинети и дека спрегата на Зоран Заев со обвинитеството во пупка ги кријат вистинските лица кои што стојат зад најголемата криминално – рекетарска афера, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој рече дека Заев, владата и обвинителството мора да одговорат, дали рекетарската шема е сочинета од следните луѓе:
„Точно ли е дека „професорот“ вклучен во рекетарската мрежа е доскорешен кандидат за претседател на државата, долгогодишен професор на правниот факултет „Јустинијан Прима“ во Скопје, лустриран за соработка со службите?
Точно ли е дека „советникот од странство“ вклучен во рекетарската мрежа, е еден балкански мешетар, со искуство во енергетиката, кој што Зоран Заев го довлечка од Белград во македонската Влада, а за кого што балканските политичари го предупредуваа Заев?
Точно ли е дека „новинарот“ вклучен во рекетарската мрежа, а за кој што пишува Героски, е самопрогласен бард на македонското новинарство на браникот на рекетарската 1ТВ, единствен поранешен директор на Јавниот сервис со средно образование, единствен новинар со безбедносен сертификат, издаден за да има увид во досиејата на потенцијалните рекетирани?
Точно ли е дека „соработничката“, „носител на акцијата“ во рекетарската мрежа, блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, е истата заради која што се измисли позиција заменик – претседател на партијата СДСМ, и има подарени чевли од Боки13?
Точно ли е дека човекот „од најголема доверба“ вклучен во рекетарската мрежа, за кого што Героски пишува дека „без него не може да се стокми ниту еден бизнис во земјата“, „без аванс од извесна сума евра“, е истиот човек за кого што Заев вели дека седнува со министри, како министерот за здравство, за да „помага на луѓе“?“, праша Стоилковски.
Тој додаде дека оваа исплетена рекетарска мрежа, води до главата на октоподот, односно, како што рече, до шефот на државната мафија.
„’Рекет’ е производ и носечки столб на владеењето на Зоран Заев и на неговата влада. Заев замина. Се погласни се посочувањата за владеење со закани по живот. Обвинителството не смее да сокрива информации или да остава време за осомничените да го продолжат делото, да влијаат врз сведоци, или да избегаат. Ваква форма каква што е опишана во членот 394 од Кривичниот Законик како злосторничко здружување, и за тоа мора да има одговори и одговорност“, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

