Македонија
(Видео) Стоилковски: Дали МВР ги изгасна семафорите во Скопје поради планот за рестрикции на струја?
Дали МВР почна со редовно спроведување на планот за рестрикција на струјата со гаснење на семафорите или правеше генерална подготовка за дејствување во криза, запраша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, откога во вторникот се создаде голем сообраќаен метеж на скопските улици.
„Во овој документ – планот за мерки, активности и функционирање на МВР и БЈБ во услови на кризна состојба поради недостиг на струја, децидно стои дека организациските единици на МВР/БЈБ треба да спроведуваат забрана, пренасочување и воспоставување движење во урбани сообраќајници, регулирани со светлечки сообраќајни знаци, односно зависни од електрична енергија“, нагласи Стоилковски.
Според партискиот портпарол, енергетската криза е поголема од она што власта се обидува да го прикаже.
„Изготвен е документ за дејствување во кризна состојба поради рестрикции и немање струја, а власта најавува таа состојба да трае уште половина година. Во овој план се наведуваат состојби, како – реални безбедносни предизвици со економски социјални појави со негативни последици, пораст на криминалот, сообраќајни деликти, нарушување на јавната безбедност поради недостиг на струја и зголемената цена“, истакна Стоилковски и додаде дека граѓаните не сакаат паушални, туку вистински решенија за што, како што рече, потребни се брзи избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

