Македонија
(Видео) Стоилковски: Ковачевски и Зечевиќ да одговорат дали Зарко Милошевски направил погрешна проценка за Диво Насеље?
„Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ се уште не даваат конкретни одговори за именувањето на Зарко Милошевски за наследник на Виктор Димовски во АНБ, по огромниот скандал Онишченко којшто покажа изигрување на домашни и меѓународни процедури и стандарди токму од нив двајцата. Тоа што Ковачевски и Зечевиќ не даваат одговори не значи дека прашањата бледеат. Напротив се појавуваат нови сознанија за вмешаност на пуленот на Зечевиќ во настани што се уште ја потресуваат Македонија“ рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој прашува „Ковачевски и Зечевиќ би требало да одговорат каква е улогата на Зарко Милошевски во случајот Диво Насеље од 9 мај 2015 година? Дали Зарко Милошевски тогаш началник на единицата за екстремизам бил одговорен? Дали тогаш Зарко Милошевски е директно одговорен во УБК за проценка на состојбата, а толкава група да се сместила во градот?“.
Стоилковски вели дека „мора да одговорат дали Зарко Милошевски е парично награден со одлука на владата за Диво Насеље? Дали неговото име е меѓу оние за коишто токму СДС гласно бараа списокот со наградени да се објави а парите да се вратат? Па сега, Ковачевски и Зечевиќ нека се изјаснат, треба ли или не Зарко Милошевски да ги врати парите како награда за Диво Насеље?“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

