Македонија
(Видео) Стоилковски: Мерко во Струга покажува самоволие какво што покажуваше Заев во Струмица
Службени лица од Државниот просветен инспекторат пред очите на студентите и на целата јавност беа спречени да си ја извршат должноста и беа исфрлени од Универзитетот. И тоа не од кој било Универзитет, туку од М.У.С. на поранешниот советник на Зоран Евро Заев, а сега градоначалник на Струга – Рамиз Мерко, обвини Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, какво самоволие покажуваше Евро Заев во Струмица, такво покажува и Мерко во Струга.
„Поради сомнение за постоење купени дипломи, вработени професори, без нострифицирани дипломи од странство, судии како професори предавачи, без согласност од матичните институции, но и стотици студенти од прв и втор циклус, запишани со ненострифицирани странски дипломи, е направен обид за вонреден инспекциски надзор во Универзитетот во Струга. На просветните инспектори не им бил дозволен пристап до матичните книги, за наставниот кадар, ниту на запишани и дипломирани студенти. Одговорното лице на М.У.С., Арбен Кадриу, не само што со навреди на национална основа ги истерал инспекторите туку и имал обид за физичка пресметка со нив заканувајќи се за нивниот и животите на нивните семејства“, рече Стоилковски.
Тој прашува што се обидуваат да скријат Мерко и Кадриу со нападот врз инспекторите и дали постои можност навистина Рамиз Мерко, кој е избран во научно наставно звање доцент вонреден професор во Универзитетот, да има ненострифициран докторат од Нови Пазар? „Дали и сопругата на Арбен Кадриу, нотар во Струга, која е избрана во научно наставно звање доцент на истиот Универзитет, исто така да има ненострифицирана диплома од Нови Пазар?“, праша Стоилковски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ го осудува насилството и бара одговорните да бидат санкционирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

