Македонија
(Видео) Стоилковски: Никола Димитров мора да си замине од МНР
Никола Димитров мора да си замине од Министерството за надворешни работи поради морална, професионална и политичка одговорност. Димитров ги урива угледот и достоинството, ја обесчестува функцијата МНР, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Димитров не ги штити и работи спротивно на националните и државните интереси, што е спротивно на заклетвата дадена во Собранието кога ја презеде функцијата. Притоа си дозволува да го навредува македонскиот народ. По јавно изречената навреда на Димитров дека македонскиот народ е народ со комплекси, несигурен во себе, и тоа од највисокиот дом на демократијата во Република Македонија, од собраниската говорница, Димитров сериозно го доведува во прашање својот кредибилитет како министер што треба да ги претставува и штити нацијата и државата надвор од државните граници. Нема датум за преговори со ЕУ. Македонската дипломатија, исто како и државата, е прикована на дното. Тоа сето е дело на Никола Димитров, вели Стоилковски.
„Останувањето на ваков министер за надворешни работи сметаме дека е намерно нанесување срам на Република Македонија и девастирање на угледот на државата. Никола Димитров е најголемиот срам за Република Македонија. МНР со Никола Димитров претставува најголемиот срам за Република Македонија. Колку и да му е одбивна нацијата што ја претставува, колку и да се срами од народот чиј министер е, колкава и да му е личната желба да ги поништи, да ги избрише своите корени, функцијата, која, за жал, Димитров ја претставува, не смееше да прифати погазување на националните и државните интереси и прифаќање на сите антинационални условувања што друга земја му ги наметна.
Димитров ја поткопа државата, ја доведе Република Македонија во подредена положба кон друга држава. Тоа е велепредавство, тоа е капитулација! И, затоа, Никола Димитров мора да си замине! Никола Димитров го нанесе најголемиот удар и срам за македонскиот народ и тоа од позиција на министер на собраниска говорница. Наместо да го чува неговото достоинство, тој со целата државна владина големина, дрско го нарече македонскиот народ КОМПЛЕКСИРАН. Па, Димитров, дали е ова е твој личен став или став на оваа Влада на Република Македонија? Ниту Димитров се извини, веројатно горд на своите зборови, ниту Владата се огради од неговиот став! Па ако е ваков ставот на Димитров и на Владата, какви ли насоки добиваат македонските дипломатски претставништва во светот? Ете, затоа Димитров мора да замине!
Но, тука не застанува дрскоста на Димитров. Во последното обраќање во парламентот, повторно од говорницата, пак упати лага дека фингираните дебати на кои за 20.000 денари избрани послушници, кои исто како Димитров, не штедат навреди за македонскиот народ, го фалеа капитулантското дело, а сега тој се обидува да го протне дека капитулацијата според тие фингирани дебати била прифатлива за народот. Но, Димитров, сметаш ли дека народот заборави на пропаднатиот референдум за твојата капитулација? Референдум за т.н. договор, потпишан од страна на министер во име на – не знаеме кого, бидејќи не го пишува името на нашата држава, со кого се прават системски измени во Уставот на Република Македонија. Димитров со него ја доведе Република Македонија во подредена положба и за ова, тој мора да си замине!
Димитров, крајно време е да прифатиш дека твојата ДОМАТ-дипломатија е целосно спротивна и на заклетвата и на функцијата и на националните и државните интереси. Твоето министерување е нанесување срам на државата и на народот. Го навредуваш народот од чии пари земаш плата, уживаш во привилегиите, го школуваш семејството надвор од Република Македонија. И оставка понуди, и повторно излажа. Е, сега е време е да си одиш! Република Македонија не заслужува да се срами од својот министер, шеф на дипломатијата“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.

