Македонија
(Видео) Стоилковски: Срамно, Димовски од ССМ ја брани Владата и нападна синдикален штрајк
Срамно и недостоинствено за функцијата, Дарко Димовски политички поставениот претседател на Сојузот на синдикати, наместо поддршка на штрајкот на образованието, денеска застана во одбрана на Владата. Димовски, за потсетување, кршеше врати со асистенција на СДСМ, Оливер Спасовски и Мила Царовска, беше поставен со партиска агенда да го чува грбот на власта пред осиромашувањето и притисоците врз работниците, изјави на денешната прес-конференција, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека во моменти кога сето образование во Македонија е во штрајк заради недостоинствени плати, во моменти кога оние коишто ја згрижуваат, воспитуваат, образуваат македонската иднина се соочуваат со тешки притисоци и закани, во моменти кога Владата спроведува најбрутални закани и притисоци кон оние што го користат правото на штрајк, Дарко Димовски, го покажа лицето на партиската агенда во фотелјата на ССМ, и денеска ги нападна сиот образован капитал, нападна синдикат и сквернави штрајк којшто трае две недели, за да ја брани Владата!
Стоилковски истакна дека срамно и недостојно за позицијата претседател на Сојузот на синдикати, а по состанок со Ковачевски и Груби, Дарко Димовски застана во одбрана на Владата, и нападна штрајк, нападна синдикат и го нападна достоинството на образованието. На површина излегува сета политизираност и партизација на Сојузот на синдикати. Димовски како синдикален лидер, за каков што се претставува, пет години не организирал ниту еден протест за работничките права. Димовски треба да знае дека владата е банкарот, којшто троши за луксузи на сметка на економското тонење на работниците.
Синдикалните организации се организации за заштита на правата на работниците како и за подобрување на нивниот стандард, а не за одбрана на Владата при кршење на работничките права, закани и уцени врз нив.
Македонија ја оставија без здравство, лекови, вакцини, брашно, зејтин, струја, вода, без пари, без плати, задолжувањата се се поголеми, а секојдневно државата тоне во криминал и во корупција. Секој еден ден поминат со СДСМ на власт е поскап од предвремени парламентарни избори, изјави Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

