Македонија
(Видео) Стоилковски: Oд јануари вработени над 200 активисти на СДСМ во администрацијата

Само во оваа 2018 година вработени се над 200 партиски активисти на СДСМ во државната администрација, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Партискиот потпарол, Наум Стоилковски, на прес-конференција посочи дека повеќето се вработени на високи позиции, а висината на позицијата зависи исклучиво од стажот и активностите во самата партија СДСМ.
„Преку Агенцијата за администрација распишани се над 160 огласи за вработување на неопределено време во централната и локалната власт, а се вработува само партиски војници на СДСМ? Тоа се реформите на јавната администрација кои водат напред, а се замислени од СДСМ? Дали е тоа партизација на администрацијата или департизација како што налага одењето напред? Тоа се тоа тие вредности кон кои води СДСМ; партизација наместо департизација на администрацијата? Наместо професионална функционална администрација во служба на граѓаните, СДСМ ја злоупотребува само за вработувања на партиските војници“, рече Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека не постои општина, не постои државна и јавна институција во земјата во која не се нашло место за вработување и полнење на администрацијата со партиски војници. И тоа се прави бесрамно, дури и не се мисли дали некој бил примен иако имал најмалку бодови при квалификациите.
Тој додаде дека секојдневно до ВМРО-ДПМНЕ стигнуваат информации за нови злоупотреби на огласите и полнењето на новоотворените работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Клиниката за неврохирургија првпат воведена интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија при хируршки третман на мозочни аневризми

На Универзитетска клиника за неврохирургија беше извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад.
– Станува збор за операција која за првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија. Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Оваа иновативна метода претставува напредна техника која овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време за време на операцијата.
– Со примена на контрастно средство, хирурзите можат прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата, што е клучно за успешен исход, појаснува Благој Шунтов, специјалист по неврохирургија и раководител на тимот.
Инаку, хируршкиот тим се состои од: д-р Благој Шунтов, асистенти: д-р Мирко Мишел Мирчевски, д-р Влатко Атанасов, анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, мс Ирена Стојанова, мс Гордана Мицковска, мс Даниела Делова, инструментарки: мс Маја Спировска, мс Наташа Мирчевска.
Операцијата помина без компликации, а пациентот се опоравува без потешкотии. Примената на оваа напредна техника претставува значаен напредок во третманот на неврохируршки пациенти и потврдува посветеност на ЈЗУ УК за неврохирургија во примена на најновите медицински технологии.
Оваа иновација претставува значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство и потврдува посветеност на здравствените институции во примена на најновите медицински технологии“.
Македонија
Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – складирале батерии и тонери што ја загадија почвата и воздухот

Скопското обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирал електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и воздухот и опасност по здравјето на луѓето.
Главен осомничен е човек кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со неговата ќерка – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември депонираниот отпад се запали, а пожарот брзо се прошири и не можеше да се стави под контрола. Обвинителството потсетува дека согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и Инспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.
Поради тежината на делото, обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за останатите тројца – куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.
Македонија
Поврзаноста не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан

Во периодот од 15-18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот, претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и вештачката интелигенција – можностите кои ги создаваат и отвораат, но и предизвиците кои стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“, додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво, пренесувајќи ја пораката дека малите земји, преку мудрост и искуство, можат да придонесат за глобалниот мир и стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени, кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.