Македонија
(Видео) Судија бил разрешен во времето на СДСМ откако одбил да донесе мислење во случај поврзан со Јанкулоска, рече Манасиевски
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција изјави дека постои ново сведоштво за притисоци врз правосудството и политички прогон кон поранешни функционери на партијата.
Како што посочи Манасиевски, поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски, во гостување на поткаст на социјална мрежа изјавил дека бил разрешен откако одбил да донесе позитивно мислење во одреден случај, за кој, според него, немало правна основа.
Според кажаното, станува збор за предмет поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Манасиевски наведе дека Катевеновски тврди оти во 2019 година го добил случајот од поранешното Специјално јавно обвинителство и дека не постоела правна можност за позитивно мислење.
По одложување на одлуката со цел консултација со колеги, како што беше посочено, Судскиот совет го разрешил Катевеновски веќе следниот ден. Тој, според Манасиевски, одговорноста за разрешувањето ја лоцирал кај тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
Манасиевски во обраќањето изјави дека се зголемува бројот на лица кои сведочат за притисоци врз правосудството и упати обвинувања кон поранешната влада, наведувајќи дека реформите ќе продолжат и дека ќе има одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

