Македонија
(Видео) Томовски: Жерновски зема плата од 1.000 евра месечно за градба на клинички, кој не се гради
„Аферата ‘Паразити’ со години го јаде системот. Од Владата именувани функционери, звучни имиња, зеле илјадници евра додека народот мизерува. Функционерите од аферата ‘Паразити’ не може да ги оправдаат парите што ги земаат со реална работа, придонесот што тие треба да го даваат за овие пари не се гледа. Со еден таков пример ќе ја отвориме оваа прес-конференција, се работи за Андреј Жерновски, кој повеќе од една и пол година е дел од проектната единица за клинички центар и за тоа зема месечен надомест од 1.000 евра“, посочи денеска на прес-конференција Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Томовски посочи дека „Жерновски до сега зел над 18.000 евра од министерството за здравство. А, намената за која што ги зема тие средства не е оправдана. Клинички центар нема, ниту се гради тој во Штип, а тој во Скопје не е ниту во фаза да почне да се гради“.
„Зошто се држи Жерновски на позицијата и зошто му се исплаќаат по 1.000 евра месечно иако за тоа нема потреба, треба да ни одговорат од Владата. Сосема неоправдано се трошат парите од Министерството за здравство, а во исто време гледаме како секојдневно луѓе собираат пари за лекување преку донации. Иста е ситуацијата и со Кире Станкоски, генерален директор на Тутунскиот комбинат – Прилеп, кој зема месечна плата над 2.000 евра“, вели тој.
„Неоправдано трошење средства на граѓаните гледаме и во М НАВ, таму, како што веќе објавивме, двајцата директори земаат речиси 500.000 евра плата за еден мандат од четири години. Фахрудин Хамиди зема плата од 6 илјади евра месечно, а Владо Крстевски 4,5 илјади евра месечно“, рече Томовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

