Македонија
(Видео) „Треба ли да станеме јужноамериканско гето за Тошковски да поднесе оставка“, прашува Кузеска
„Се случува вистински хорор со безбедносната состојба. Бараме итно расчистување на случајот, но очигледно е дека Тошковски целосно ја изгуби контролата над безбедносната состојба во државата. Ова што се случува веќе е крајно загрижувачки, сведоци сме на секојдневно пукање, палење возила, напади на службени лица“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Криминалот и бандите се чувствуваат заштитено и безбедно со оваа власт и тоа е директна последица на неспособноста на Тошковски, но и толерирањето на криминалците. Тошковски мора да си оди од позицијата министер пред државата целосно да се препушти во владение на бандите по улиците. Полека, но сигурно ни се случува да се претвараме во јужноамериканско гето каде полицијата буквално нема контрола над одредени делови од земјата. Мицковски вели дека мајките можеле мирно да спијат, Тошковски вели дека безбедноста е подобрена, ова се лаги кои граѓаните со потсмев, но и со страв ги дочекуваат. Потребно е да се сфати од страна на власта дека со безбедноста нема играње и таа не смее да биде предмет на нивниот дневен ПР“, одговори портпаролката на СДСМ, на новинарско прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори
Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.
„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.
Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.
Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.

