Македонија
(Видео) Тренчевска: Земјата е лидер во регионот во воспоставување и имплементирање на социјални услуги за лица со попреченост
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска, во Владата оствари средба со претставниците на Националниот сојуз на слепите лица, со цел да ги чуе нивните барања и воедно да се најде најсоодветното решение. Побараа раст на додатокот за попреченост. Тој да биде 40 % од просечната плата во државата, 30 % од просечната плата за правото за туѓа нега и помагала за слепите како системско решение.
Тренчевска се осврна на политиките и мерките што оваа Влада ги креира и ги имплементира изминативе години, како што се: растот на гарантираната минимална помош, намалување на возраста за лична асистенција од 18 на 6 години, измени во Законот за детската заштита, со кои висината на посебниот додаток треба да се покачи 15 % и измени во Законот за социјалната заштита, каде што се намалува возрасната граница на родителите, кои се грижеле за своето дете со попреченост во својот дом до неговата 26-годишна возраст, како и правото за лична асистенција на лицата со комбинирана попреченост, измени што се во собраниска процедура.
„Република Северна Македонија е лидер во регионот, но и пошироко, во воспоставување и имплементација на социјалните услуги на локално ниво, во заедницата, односно домот на граѓаните на кои поддршката им е неопходна за нивно функционирање. А со тоа и нивно поголемо вклучување во сите сфери на општественото живеење“, рече Тренчевска.
Таа информира дека преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега само со првиот јавен повик за доделување грантови се реализираа 22 проекта во 27 општини. Преку овие услуги опфатени се околу 700 корисници. Проектот опфаќа помош и нега во домот, дневни центри за деца со попреченост, помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и регенерација на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатени се околу 700 корисници.
Министерката посочи дека во државава отворени се 35 дневни центри за деца со попреченост, кои ги посетуваат 400 деца со попреченост.
![]()
Во тек е изработка на дизајн за воспоставување регистар за деца и лица со попреченост, кој треба да биде завршен до крајот на 2022 година.
Сите нови детски градинки се градат во согласност со стандарди што вклучуваат инклузивност, а постојните се приспособуваат затоа што секое дете има право да биде дел од предучилишниот процес. Во таа насока се и трите нови сензорни игралишта во Кривогаштани, Крушево и во Струмица, како и две нови сензорни соби во детски градинки.
Од септември 2022 година Министерството за труд и социјална политика во соработка со Националниот сојуз на глувите и наглувите почнува со обуки за вработените во претшколските установи за знаковен јазик. Овие обуки особено се наменети за вработените, каде што имаме згрижено деца со пречки во слухот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

