Македонија
(Видео) Тренчевска: Со овој буџет Владата најмногу крати кај социјално ранливите граѓани
Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска на денешната седница на собраниската комисија за финансирање и буџет истакна дека првиот буџет предложен од новата владата, во вредност од 6,5 милијарди евра, најголем буџет досега, е нереален, нималку развоен, туку трошковен, недомаќински, предизборен и најважно од се невизионерски, неинвентиен и буџет на нови долгови и нова изгубена година за економијата и граѓаните.
„Со Буџетот требаше да ги видиме сите политики ветувани во изборната платформа 1198, кои би требало да донесат подобар живот за граѓаните и економски развој на државата, буџетот е пред нас и слободно можам да кажам дека од тоа нема ништо, ниту подобар животен стандард на граѓаните, ниту пак економски развој за државата“, рече Тренчевска, додавајќи дека со буџетот предвидува нереален раст на БДП од 3,7%, зголемување на јавниот долг и покажува дека фискалната политика нема компас.
Тренчевска нагласи дека владата проектира буџетски дефицит од 4% од БДП, што е спротвно на законот за буџетите, каде јасно стои дека дефицитот не смее да надмине 3% од БДП, со што владата сака да испрати порака дека законите важат за сите но не и за неа.
„Имаме буџет кој единство ги задоволува потребите на 24 министри и нивните кабинети, но не и на граѓаните. Имаме буџет во кој не се приоритет граѓаните, особено ранливата категорија граѓани. Ако го погледнеме буџетот на министерството за социјална политика, демографија и млади сето тоа се потврдува“, нагласи Тренчевска.
Таа додаде дека со овој буџет најмногу се крати кај социјално ранливата категорија граѓани, се крати кај социјалните услуги, кај трансферот кон националните сојузи на инвалидски организации, се крати кај лицата со попреченост и кај услугите што се насочени кон нив, се крати кај сите оние граѓани, најчесто граѓанки кои се вклучени како негуватели кај давателите на социјалните услуги, кај активностите насочени кон борба со насилството врз жените и семејното насилство, се крати и на трансферот кон црвениот крст и општинските организации на црвениот крст.
„Ставката трансфери кон инвалидските организации, националниот сојуз на Црвен крст, граѓанските организации кои работата на борбата против семејно насилство и насилство врз жените, нашата социјално емпатична влада средствата ги намалила за дури 25 %. Од 80 милиони денари по 5-6 години се враќаме на минимумот којшто е предвиден со законот од 60 милиони“, рече Тренчевска, додавајќи дека се намалуваат средствата и за здруженијата на слепи, глуви и наглуви, за трудови инвалиди, лица со интелектуална попреченост, три пати се намалува буџетот за заштитните друштва.
„Да дојде до поголем израз емпатичноста на владата, со буџетот удира и кај социалните услуги, кои се вопставени во повеќе од 40 општини, услуги за помош и нега во домот за стари лица и помош и нега во домот за лица со попреченост, удира и по личната асистенција за лицата и децата со попреченост, удира и по целиот процес на деинституционалнизација“, истакна Тренчевска, и нагласи дека социјална држва и подобрување на квалитеот на животот на граѓаните не се постигнува со кратење на средствата за најранливите.
Тренчевска нагласи дека иста е состојбата и кај капиталните инвестииции во социланата заштита, каде за изградба на дневни центри за деца и лица со попречност, домови за стари лица се предвидени само 9 милиони денари, со кои нема да може ни да се завршат започнатите во во Кавадарци, Македонски брод, Чешионово Облешево, Берово, Пробиштип.
„Како, без проектирани средства ќе ја донесете владината програма за инвестиции во социјалната заштита за 2025 година. На жими мајка? Или како и се друго со лицемерие и лаги. Нема пари во буџетот за зголемување на минимланата плата, нема пари за спроведување на обврските од општиот колективен договор за јавниот сектор, нема слух за синдиактите, нема слух за работниците, нема намера да се реализира новата методологија за пресметка на платите во јавниот сектор од март 2025 годона и накратко Владата ги разочара најранливите, ги разочара работниците со предлог буџетот за 2025 година, со својата безидејност, лошто и нереалното планирање. За себе власта си испланира бурек со месо и јогурт, а за граѓаните трошки“, порача пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска на денешната седница на собраниската комисија за финансирање и буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.

