Македонија
(Видео) Увидот ќе ги покаже причините за излетувањето на вагоните кај Черкезе
Се врши увид по несреќата во која товарен воз се излизга од шините кај кумановско Черкезе.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој пристигна на местото на несреќата изјави дека во моментот увидните екипи вршат увид, за да се дознае која е причината за ваквиот настан во кој за среќа нема повредени и нема жртви.
„Има материјална штета која што е причинета и која што е евидентна позади нас и која што ќе се утврди дополнително. Причините за овој настан ќе ги утврдат увидните екипи кои што се составени од групи од Железници транспорт и Железници инфраструктура на кои што им асистираат од крим техника од Министерството за внатрешни работи, се разбира и од Основното обвинителство“, потенцираше Вицепремиерот Анѓушев за време на изјавите за медиумите.
Тој истакна дека Владата во рамките на своите надлежности, ги презема сите активности во најкус временски рок да се заврши увидот, а потоа ќе се преземат сите мерки потребни за брзо санирање на железничката пруга и повторно оспособување на железничкиот коридор 10.
Министерот за транспрт и врски, Горан Сугарески потврди дека во несреќата нема повредени лица и дека е предизвикана определена материјална штета, а дополни дека ќе се работи на брзо расчистување на локацијата и оспособување на пругата
„Владата целосно стои за да помогне во целокупната несреќа, која што за среќа нема човечки жртви и од наша страна, заедно со двете претпријатија, кои што сега ме информираа целосно околу она што ќе го направат, после комплетното завршување на сиот увид, бидејќи дел од дејствијата не можат да се направат додека не заврши увидот од страна на комисиите и се разбира од страна на МВР и ОЈО, меѓутоа по завршениот увид, целосно ќе влезат во функција во делот на отстранување на вагоните и во делот на санирање на пругата. Така да, од наша страна, тоа го кажавме и со вицепремиерот, ќе застанеме комплетно за колку што може ова побрзо да се санира и се разбира да се оспособи железничкиот сообраќај во овој дел“, рече министерот Сугарески.
Ирфан Асани, директорот на Железници инфраструктура појасни дека останатиот дел од железницата на релација Скопје-Куманово-Табановце е во добра кондиција, а кусата делница на пругата која е во моментов надвор од употреба може брзо да биде санирана по расчистување на локацијата.
„Екипите од Инфраструктура транспорт заедно со други надлежни лица од останатите институции работат на терен и во најкраток можен рок, ќе излезат со објаснување за тоа што се случи. Паралелно се работи и на расчистување на пругата и ние како Инфраструктура сме спремни, во најкраток можен рок да ја расчистиме и за максимален период од 24 часа пругата повторно да биде пуштена во употреба“, изјави Ирфан Асани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

