Македонија
(Видео) УХМР предупредува на зголемен водостој – Вардар надмина три метри кај Демир Капија
Утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека водостојот на реката Вардар во 07:30 часот највисоко е во Демир Капија и изнесува 308 сантиметри. Високо ниво, утринава Вардар има и кај Јегуновце и тоа изнесува 216 сантиметри како и во Велес каде водостојот е 200 сантиметри. Според информациите од УХМР просечното ниво на Вардар за јуни во овие делови е од 123 сантиметри во Демир Капија до 74 во Јегуновце.
Според УХМР, нивото на водата расте и на Пчиња, Црна Река, Струмица и на други водотеци, а во текот на денешниот и утрешниот ден има тенденција и за зголемување на водостојот.
Еве го извештајот за состојбата со водостојот на реките во Македонија. Сите се со тренд на покачување, а далеку над просечното ниво за овој период од годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тренчевска се повлече од партиската функција: „Нека настапат нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери“
Се повлекувам од мојата функција како претседателка на Форумот на жените на СДСМ, функција што ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните, објави на социјалните мрежи Јованка Тренчевска.
Како што додаде, од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата што ѝ била дадена.
„Од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро!“, вели Тренчевска.
Како што рече, вчерашниот ден покажал дека живееме во демократска држава, каде што моќта е на народот, онака како што и треба да биде.
„Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија никој не оставивме сам, носевме мерки и закони што им помагаат на сите граѓани. Ги донесовме највисоките плати и пензии, се грижевме за најмладите и за лицата со попреченост. Чекори што не сакам да избледат со текот на времето! Од моето дејствување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред. Нема да дозволам уназадувањe на социјалната работа и укинување на мерките што се од полза на граѓаните. Мене ме водат вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок и така ќе дејствувам од позиција на пратеник“, вели ексминитерката за труд и социјална политика.
Македонија
Деспотовски: Не ни требаат условени оставки во СДСМ, секој да почне од себе, без да ги чека другарите
Потребна е храброст кај партискиот врв за да се прифати реалноста на овој пораз, вели Јован Депостовски од СДСМ.
Тој укажува дека во партијата на е време за условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки.
„Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго а штетата нема да стане ненадоместлива“, вели Деспотовски.
Како што додава, на членството и поддржувачите потребен им е консолидиран, свесен и реформиран СДСМ.
„Вчеравечер пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност, со име и презиме,почнувајќи од врвот. По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување“, пишува Деспотовски.
Засклучува дека за носење на брзи и квалитетни одлуки потребна е итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува.
Претходно денес, оставки поднесоа потпретседателите на СДСМ, Фатмир Битиќи, и Перо Костадинов. Битиќи најави дека неговата оставка ќе биде целосно ефективна кога тоа ќе го сторат и останатите сопартијци кои го сочинуваат раководството на партијата.
По изборниот пораз, првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски, синоќа повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела, почнувајќи од раководството на СДСМ до претседателите на општинските организации.
Македонија
Нов состав на Собранието ќе биде избран во следните 20 дена, инаугурацијата на Силјановска-Давкова најдоцна викендов
По завршувањето на парламентарните избори, следен чекор е мандатот на новиот собраниски состав да биде верификуван од ДИК.
Во согласност со Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, а ќе ја свика претседателот на Собранието од претходниот состав.
Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
Мандатот на пратениците во Собранието се избираат за време од четири години и пратеникот не може да врши други јавни функции или професии. Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во однос на претседателските избори, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова. На 12 мај истекува мандатот на Стево Пендаровски.
Доколку инаугурацијата на Силјановска се одржи на 12 мај, таа ќе треба да го додели мандатот за новиот состав на Владата.
Пред преземањето на должноста, претседателот дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.