Македонија
(Видео) Филипче го соопшти новото раководство на партијата: СДСМ има нов тим, нова сила – нова енергија!
Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, по завршувањето на вчерашната седницата на Централниот одбор на СДСМ го соопшти новото раководство на партијата. На прес-конференцијата, Филипче посочи дека новиот тим влегува во храбра и многу одлучна борба со „ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“.
Во продолжение е интегралната изјава на Филипче:
„На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациските секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

