Македонија
(Видео) Филипче: „Мој термин“ функционира, нема одложување на хроничните интервенции
Системот „Мој термин“, освен во некои клиники каде што е редуциран, насекаде работи нормално. Нема одложување на хроничните интервенции, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Во однос на матичните лекари, нешто за што во последниот период имаше многу прашања во однос на начинот на третман на пациентите – функционира истиот систем што функционира со години, а тоа е дека прва инстанца на која се јавуваат е матичниот лекар, кој прави процена на здравствената состојба. Индицира одредени анализи и врз основа на состојбата, препишува терапија. До овој момент нема терапија специфична за Ковид-19 никаде во светот. Нема ниту еден лек што е потврден да биде специфичен за оваа болест“, изјави министерот.
Тој рече дека денеска почнува постапката за набавка на брзи тестови, а во меѓувреме 20 илјади тестови стигнале како донација, 13 илјади се веќе поделени и се користат во повеќе здравствени установи во нашата земја.
Филипче вели дека координацијата помеѓу директорите на клиниките во Скопје и внатрешноста оди добро.
„Се случува некој пациент да оди ненајавен и да се создаде нетрпение кај семејството, меѓутоа тоа се решава на дневна основа. Притисокот врз болниците е голем, иако бројот на слободни кревети веќе не се намалува, како што се намалуваше во изминатите претходни три недели, што значи дека е нешто намален бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Има слободни болнички кревети во практично сите болници. Од анализите на бројките и трендовите може да се забележи дека епидемијата го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, тие се во ниво на едно плато и тоа ни укажува дека Р0-факторот на преносливост е практично 1. Позитивно е што бројот на активни случаи полека се стабилизира, што исто така се регистрира и во Европа“, истакна Филипче.
Тој упати апел до граѓаните дека мора да разберат оти во оваа состојба вирусот ќе опстане и е практично широкораспространет.
„За секој еден од нас е ризик. Мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагол пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок, како што беше пред неколку недели кон болниците. Сè уште постои, но не со таков интензитет. Позитивни се вестите што доаѓаат во однос на вакцините. Веќе има вакцини што се во завршните фази. Очекуваме преку Ковакс-системот, систем што ќе профункционира тогаш кога ќе почнат да ги даваат вакцините и кон алијансата ГАВЕ, СЗО, УНИЦЕФ. Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Сепак, тоа е една одлична вест, што следната година верувам дека ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот. Во таа насока, ќе може да очекуваме и стабилизација“, потенцира Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

