Македонија
(Видео) Фијаско на замрзнатите маржи – Владата без решение за високите цени, рече Кузеска
„Сведоци сме на уште едно разочарување од страна на Владата на Мицкоски. Со голема помпа најавената мерка за замрзнување на маржите требаше да биде спасот за граѓаните од виоките цени. Мерката заврши, а граѓаните не ја ни почуствуваа дека постоеше“, рече Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„После еден месец од примената на оваа мерка, граѓаните почувствуваа само разочарување. Синдикалната кошничка се намали за симболични 57 денари – толку се „заштедило“ за еден месец. По ова легитимно е прашањето, дали ова е сериозна економска политика или само замајување на јавноста?
Цените во маркетите за најголемиот дел од производите останаа исти. Неколку производи се намалија за незначителни суми, но тоа граѓаните не го почувствуваа. Ова не е случајност, неефикасната мерка е последица на лошото и непромислено работење на Владата.
Мерката не беше добро подготвена, а Владата им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред нејзиното стапување во сила.
Нереалните трошоци кои ги имаат граѓаните заради слабите политики на Владата и нереалните цени се товар семејствата и родителите секој ден. Просечната плата, наместо да расте, се намали за 1.000 денари, а четиричлено семејство има потреба од најмалку 61.249 денари за основните потреби.
Граѓаните се принудени да одбираат – дали да купат основни прехранбени производи или да ги платат сметките? Секој ден е битка за достоинствен живот, а оваа Влада не понуди никакво решение, ниту план.
Граѓаните заслужуваат стабилност и поддршка во овие тешки времиња.
Затоа, поднесовме Закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но Владата го одби. Одбивањето на оваа мерка е истовремено одбивање на пристоен живот за илјадници наши сограѓани. Ќе продолжиме со нашата борба и повторно ќе го поднесеме Законот, затоа што подобриот животен стандард не е луксуз – тоа е право на секој граѓанин.
Сега, кога Владата покажа дека нема ниту стратегија, ниту волја да ги реши овие горливи проблеми, СДСМ најавува дека ќе поднесеме закон за вистинско намалување на цените. Ова нема да биде уште една мерка за „мачкање очи“ – ова ќе биде вистинска и реална мерка за намалување на цените. Нема да дозволиме нашите граѓани да бидат жртви на празни ветувања и политички манипулации.
Секој човек е важен – секој родител кој се труди да ги нахрани своите деца, секој млад кој сака да остане во земјата и да гради своја иднина тука, секој пензионер кој треба да ужива во плодовите на својата работа.
Граѓаните заслужуваат Влада која ќе работи за нив, која ќе покаже одговорност и посветеност. СДСМ е тука за секој од вас, и нема да запреме додека не обезбедиме подобар живот за сите“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

