Македонија
(Видео) Царината заплени автобус што редовно возел на релација Истанбул – Приштина, бил приспособен за шверцување
Запленет е автобус специјално адаптиран за криумчарење и над 500 парчиња облека со потпис на познати светски брендови, информираа од Царинската управа.
Автобусот со косовски регистарски таблички вршел редовен превоз на патници на релација Истанбул-Приштина, а бил специјално конструиран, адаптиран и прилагоден со цел криење стока.
Случајот е откриен од страна на царински службеници на влез во државата на граничен премин Деве Баир. При извршената контрола во делот на просторот за багаж на автобусот во горниот дел со отстранување на завртките на дрвена даска e откриен простор кој не е фабрички и е продолжен за 10 см по целата должина на багажниот простор на автобусот, што претставува специјална направена преграда (бункер).
Автобусот е запленет, а до надлежниот суд ќе биде поднесена соодветна пријава до возачот на автобусот, инаку косовски државјанин, заради прекршување на царинските регулативи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

