Македонија
(Видео) Во Скопје ќе се прска против комарци четири дена
																								
												
												
											Почна третото продолжено и засилено прскање против комарци во Скопје. Поради зголемените врнежи во изминатиот период, се создаде поволна клима за брзо размножување на комарците, па Град Скопје одлучи третото прскање, наместо два дена, да трае 4, со што се зголемува интензитетот на заштита.
Третото авионско прскање против возрасни форми на комарци се изврши во раните утрински часови, а ќе се одвива и во наредните три дена, односно до 13 август (понеделник). Потоа, прскањето ќе продолжи од земја и ќе се одвива во деновите од 13 август до 17 август (од понеделник до петок) во периодот од 23 до 4 часот наредниот ден.
По ова продолжено и засилено прскање, Град Скопје ќе изведе уште две прскања против комарци, кои се планирани кон крајот на август и на почетокот на септември.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија, по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија, овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска Спирова изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43 сесија на Генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.
Македонија
Утре без вода дел од скопски Центар
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради дефект во шахта од ф – ¾ на ул. Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од ул. Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција. ( општина Центар )

