Македонија
(Видео) Шекеринска – Бошковиќ: Македонија заслужува да биде следната членка на НАТО
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во рамки на посетата на Црна Гора имаше официјални средби со министерот за одбрана, Предраг Бошковиќ, како и со претседателот Мило Ѓукановиќ и шефот на парламентот, Иван Брајовиќ.
На средбата со црногорскиот министер за одбрана беше заклучено дека Македонија и Црна Гора имаат исклучителна блиска одбранбена соработка која ќе продолжи да се развива и во иднина. Министерката Шекеринска се заблагодари за големата поддршка која Македонија ја добива од Црна Гора за членство во НАТО и истакна дека Македонија презема решителни чекори за домашни реформи, но и за решавање на долгогодишниот спор со Грција.

Министрите заклучија дека брзата евро-атлантска интеграција ќе влијае на зацврстување на мирот и безбедноста и ќе отвори пат кон економски развој и просперитет на целиот регион.

„Македонија го заслужи членството во НАТО со бројните реформи. Нашето членство носи стабилност за целиот регион“, рече министерката по средбата. Таа додаде дека одлуката на НАТО за прием на Црна Гора покажа дека политиката на отворени врати функционира. Рече дека таа одлука за нас е потсетување и инспирација. Потсетување дека државите може да испуштат или да создадат историска шанса и инспирација дека високите амбиции на малите држави може да се реализираат.
Министерот за одбрана на Црна Гора рече дека односите меѓу Црна Гора и Македонија се пример за соработка во регионот. Тој додаде дека двете држави делат заедничка иднина и дека Црна Гора сака да ја види Република Македонија како членка на НАТО.
„Црна Гора смета дека Македонија заслужува да биде следната членка на НАТО, тоа придонесува за стабилноста на регионот“, рече тој.
Министерот Бошковиќ посочи дека двете држави имаат одлична соработка изразена преку конкретни активности како што се заеднички вежби за одговор во кризи и вежби за планинско војување, како и преку придонесот на двете држави во глобална безбедност во меѓународните мисии.
Министерката Шекеринска во Црна Гора се сретна и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и со претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ.
На средбите соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи и истакнаа дека тие треба да бидат пример за соработка во регионот. Притоа е изразена целосна поддршка за членство на Македонија во НАТО и натамошно стабилизирање и развој на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

