Македонија
(Видео) Шекеринска во Прилеп: Донесени се решенија за Еурокомпозит
Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во рамки на својата работна посета на Прилеп, го посети комбинатот Еурокомпозит за кој Владата неодамна донесе решенија и даде кратка изјава за медиумите којашто ви ја пренесуваме во целост.
„Нашата денешна посета на Еурокомпозит покажува дека ако се сака се може. Треба време, треба работа, треба консултации и многу разговори, но ако се сака може да се постигне резултат дури и со проблеми кои долги години се таложеле и никогаш не се решавале. Владата многу сериозно од прв момент пристапи кон решавање на проблемот со Еурокомпозит кој беше повеќегодишна агонија, не само за Прилеп туку пред се за вработените од компанијата.
Низ многу консултации со тимот, особено со синдикатите успеавме да најдеме решение со кое долгогодишна неправда ја решаваме. Законот кој Владата веќе го испрати во собраниска процедура значи дека Владата со наши средства ќе обезбеди покривање на повеќегодишни неисплатени придонеси кон вработените. На тој начин и дополнително ќе ја консолидираме фирмата и ќе овозможиме нејзино непречено функционирање и исполнување на обврските кон вработените. Сакам во име на Владата да се заблагодарам на претставниците на компанијата, на претставниците на вработените, на синдикатот. Знаеме дека не беше секогаш лесно да се верува дека ќе дојдеме до решение, се испекле сто пати меѓутоа чекор по чекор стигнавме до целта.

Законот којшто веќе е во собраниска процедура нема потреба од двотретинско мнозинство така што не очекувам негативни изненадувања, очекувам силна поддршка од Собранието и очекувам силна поддршка во решавањето на еден проблем кој во Прилеп хранел на времето 300 семејства и тоа е важна порака и за економијата, и за регионот, и за Прилеп. Како Влада покажуваме последната година дека членството во НАТО и идното членство во ЕУ навистина влијае на економијата. Зголемувањето на БДП, отворените работни места и особено зголемувањето на странските директни инвестиции кои уверени сме дека ќе бидат заинтересирани и за Еурокомпозит за понатамошна консолидација покажа дека со членството во НАТО им дадовме сигурност на потенцијални и сегашни домашни и странски инвеститори. Така ќе продолжиме и понатаму полека и трпеливо без лесно дадени ветувања, но тоа што ќе го преземеме како обврска ќе го реализираме“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

