Македонија
(Видео) Шилегов: Со новиот мост времето за патување од Ново Лисиче до „Мавровка“ се скратува 70 отсто
Мостот на булeварот АСНОМ, по реализацијата на завршните градежни работи, за помалку од 30-ина дена ќе им биде ставен на располагање на скопјани, а особено на жителите на Аеродром, Центар и Гази Баба, најави во денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје и кандидат за нов мандат, Петре Шилегов.
„Изградбата на овој булевар во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но, за жал, поради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети, неговата изградба секогаш била одложувана за некои подобри времиња“, додаде тој.
Образложувајќи ги неговите карактеристики, Шилегов додаде дека мостот се изведува во согласност со сите современи стандарди за изградба и е граден со најквалитетни материјали.
„Има 6 коловозни ленти, со енергетски ефикасно ЛЕД-улично осветление, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќај. На новопробиениот булевар АСНОМ и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот го краси и дрворед, кој е засаден од двете страни“, истакна актуелниот градоначалник.
Како што истакна Шилегов, новиот мост ќе овозможи брза врска на најнаселената општина во Скопје, Аеродром, со Гази Баба преку централното градско подрачје.

„Со тоа времето на патување од Ново Лисиче до ‘Мавровка’ го скратуваме за 70 отсто. Со новиот мост се зголемува динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ три општини“, појасни тој.
Градоначалникот рече и дека во Скопје два моста истовремено не се граделе со децении.
„Едниот е овој што е во завршна фаза, а другиот во Карпош, кој штотуку го почнавме. Продолжуваме да градиме по план нови сообраќајни решенија, кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните“, потенцира Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради врнежи од снег забранет сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

