Македонија
(Видео) Шутаров: ЈСП ќе набавува гориво по 118 денари за литар каде ќе завршува разликата?
Неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ е единствената причина за колапсот што му се случува на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. 14 и пол милиони литри дизел гориво ЈСП ќе набавува по цена од 100 денари за литар плус 18 отсто ДДВ, односно за 118 денари за литар, изјави на денешната прес-конференција на СДСМ, Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје.
Тој објави документ, дел од склучениот договор за гориво за потребите на ЈСП и истакна дека вредноста на договорот е 1,71 милијарда денари со ДДВ или скоро 30 милиони евра.
![]()
Шутаров додаде дека цената на дизел горивото, денеска изнесува 86,5 денари за литар, а дневната потрошувачка на гориво на ЈСП е помеѓу 25 и 28 тони.
ЈСП дневно прави загуби од 1.000.000 денари или месечно околу 500.000 евра.
Според Шутаров ова е класичен пример како се испумпуваат пари од граѓаните и пример како Јавното претпријатие влегува во загуба.
Тој праша каде завршува разликата од реалната цена и цената утврдена во Договорот која е далеку повисока и истакна дека одговорност за овој класичен пример на расипничко трошење на народните пари треба да понесе Управниот одбор, чии членови се главно активисти и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Шутаров додава дека со вакво неодговорно, расипничко раководење ЈСП е во колапс, а Градот влегува во банкрот. ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска му приредуваат нова катастрофа на Град Скопје. Со денови јавниот превоз е во колапс, а граѓаните не можат навремено да ги завршат своите обврски.
Наместо да понудат решенија ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска кои ја имаат власта во Град Скопје меѓусебно се препукуваат за рацете во медот, додека проблемите на граѓаните ги игнорираат. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата непогода што му се случува на Град Скопје, изјави Шутаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

