Македонија
(Видео) Ѓорчев: Мерката со налепници на возилата го ограничува движењето на граѓаните од средната класа
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов веднаш, ама веднаш да престанат со својот проект за стигматизирање цели категории граѓани, а кој се однесува на налепниците на возилата поврзани со издувните гасови, рече денеска на прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека според замислата на Заев, Шилегов и Макрадули многу мал број возила, односно само возилата на оние што може тоа да си го дозволат, ќе бидат обележани со зелена налепница.
„Оваа нивна мерка е директно насочена против средната класа во Република Македонија и против сиромашните. Затоа што нивните возила нема да може да бидат забележани со зелена налепница. Тие луѓе со месеци и месеци нема да може да ги користат своите возила, нема да може слободно да се движат и ќе имаат реални конкретни, т.е. практични проблеми во своето дневно функционирање. И тие и нивните семејства“, посочи Ѓорчев.
Тој обвини дека властите не нудат никакви решенија за загадениот воздух, туку, како што рече, гетоизирање и стигматизирање на средната класа во Македонија и на сиромашните во Македонија, кои не можат да си дозволат онакви возила какви што замислиле Шилегов, Заев и Макрадули.
Од име на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев ги повика Зоран Заев, Јани Макрадули и Петре Шилегов веднаш да прекинат со овој проект за, како што рече, ограничување на движењето на средната класа и на сиромашните луѓе во Република Македонија и како скандалозен го оцени проектот за лепење налепници на возилата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

