Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Во Кисела Вода никнува нова дивоградба
Урбаното насилство во Кисела Вода излегува целосно од контрола. Градоначалникот Темелковски мижи пред бетонизацијата на Кисела Вода и не само што мижи, туку постои основан сомнеж дека истиот кумува на тоа, обвини Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој тврди дека ќе се гради објект кој што не е предвиден во ДУП и дека во Кисела Вода никнува нова дивоградба.
„Никој не знае дали овој објект се гради согласно постоечкиот Детален урбанистички план. Имено согласно важечкиот ДУП на ова место е зацртана градежна парцела од 512 м2, а според новиот предлог ДУП тука се предвидува градежна парцела од 682 м2 или дополнителни 170 м2 во основа на овој објект. Сомнежот е дека овој објект се гради согласно предлог ДУП-от иако истиот не е донесен. Според логиката до донесување на измени на ДУП-от, на сила е постојниот и никој не смее да гради поинаку од зацртаното“, рече Ѓорѓиевски.
Тој го повика градоначалникот Темелковски и Општината Кисела Вода да одговорат според кој ДУП се гради овој објект.
„Дали Темелковски дозволил овој објект да се гради на основ на предлог ДУП-от, наместо на важечкиот? Само за информација согласно постоечкиот ДУП на оваа градежна парцела е предвидена изградба на вкупна станбена површина од 4.480 м2, а согласно предлог ДУП-от кој се уште не е изгласан потенцирам, а со тоа не е и на сила, се предвидува вкупна станбена површина да биде поголема за скоро 1.700 м2 односно да изнесува 6.136 м2. Дали Темелковски надвор од законот дозволил некој да изгради дополнителни 1.700 м2 кои согласно пазарните цени може да донесат 1.7 милиони евра екстра заработка за инвеститорот кој што гради“, праша Ѓорѓиевски.
Граѓаните, додаде тој, основано се сомневаат дека во Кисела Вода никнува нова дивоградба.
„Темелковски е должен да даде одговори, во спротивно неговиот молк ќе ги потврди сите сомнежи дека овозможил некој надвор од прописите да заработи 1.7 милиони евра“, рече Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

