Македонија
(Видео) Јанушев: 40 проценти од новата влада ќе бидат жени
Четириесет проценти од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат жени, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, и носител на Изборната единица 3, кој денеска во Свети Николе оствари средба со граѓаните и со партиските активисти.
„Остваривме средба со Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, која секогаш е со нас рамо до рамо и ја водиме оваа битка против оваа криминално-рекетарска власт. Исто така, сакам да ги поздравам членовите на Унијата на младите сили, нашите најмлади, но и најактивни членови во партијата, кои се секогаш тука заеднички сплотени да се избориме во оваа битка за Македонија. Она што сакам да го соопштам, а што веќе го разговаравме и со членките на Унијата на жените, т.е. она што планираме како ВМРО-ДПМНЕ во следните 4 години, предводејќи ја владата, да го направиме во однос на родовата еднаквост и затоа најавуваме дека 40 проценти од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат жени“, рече Јанушев.
Тој нагласи дека ќе се борат на секое поле, а посебен акцент ќе биде ставен на семејното насилство, односно искоренување на семејното насилство и донесување на жената на она место што навистина го заслужува во општеството.
„Жената, пред сè, е сестра, мајка, така што мора да продолжиме да работиме на ова поле. Исто така, ќе обрнеме особено внимание на жената земјоделец, кое е многу сериозно прашање, особено во Свети Николе и Светиниколско бидејќи земјоделството е една од главните гранки од кое живее овој наш трудољубив народ. Да не ја заборавиме и поддршката што ќе ја дадеме во спортот. Тука сме, знаеме како, и гласајте за број 14 за 14 пратеници во Изборната единица 3“, додаде Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

