Македонија
(Видео) Јанчева: Седум месеци ѝ минаа во неработа, Арсовска е големо разочарување за граѓаните
Жителите на Скопје секојдневно сведочат за неспособноста на Данела Арсовска, која нанесува штета за Град Скопје, oбвини во изјава за медиуми Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Како што рече таа, последен пример за неспособност е оставањето на Противпожарната бригада на резерви со гориво, со што се загрозува нормалното функционирање на овој важен сервис за заштита.
„Претходно, Арсовска ја остави градската администрација без печатачи, а неколку дена цела општина беше оставена без автобуски превоз, затоа што Град Скопје не им плаќаше на приватните превозници.
Арсовска го назначи Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје, иако тој е актуелен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир.
Овој случај го истражува и Државната комисија за спречување на корупцијата.
За седум месеци Арсовска не само што нема реализирано ниту еден свој проект туку прекина неколку важни проекти наследени од нејзиниот претходник, меѓу кои, најважен секако беше Бас рапид транзит (БРТ) за кои беа обезбедени 70 милиони евра од Европска банка“, посочи Јанчева.
Во однос на предизборните ветувања на Арсовска, претставничката на СДСМ рече дека ништо не е реализирано.
„Нема бесплатен јавен превоз, нема нови паркови, ниту ѓубрето не се собира навремено, а постојано никнуваат и нови диви депонии. Седум месеци изминуваат од мандатот на Арсовска и во овој период од неа видовме како прекинува проекти, ја партизира администрацијата, бега од соочување со советниците од опозицијата и од прашања од новинарите“, нагласи Јанчева, според која Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје и едно од најголемите разочарувања за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

