Македонија
(Видео) Јанчев: Министерството за рударство е лобирано од рударското лоби, кое сака мултимилионски профит
Пратеникот Сашко Јанчев, во однос на измените во ЗОРОДУ и отворањето на министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, потсети на седницата во 2014 година кога Трајко Вељаноски стави 112 закони по скратена постапка.
„Тогаш пратениците од СДС се бунеа, како тоа е противделовнички, како Собранието е направено гласачка машина“, рече Јанчев.
„Потоа се смени власта… па тие се пењавеа како скратената постапка и лепењето европско знаменце и тоа шверцување што го унапреди новата власт е противделовничко и против смислата на Собранието. Се сеќавам како професорката Силјановска, која беше тогаш пратеничка, му велеше на Заев како не се станува Европеец со носење закони по скратена постапка! И, сега дојдовме кога пак е ДПМНЕ на власт и уште на втората седница шверцува системски закон по скратена постапка.
Што се однесува до законот, ќе се задржам само на делот што се однесува на измените со кои се предвидува ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Впрочем, на тоа се однесуваше и мојот амандман, кој ми го отфрлија затоа што во него не напишав ,Северна’.
ДПМНЕ пред 2016 година, во еден ден потпиша 86 концесии за рудници од кои 22 за метални минерали и во тие концесии беше предвидено тие да се третираат со агресивни хемикалии. Концесиите најмногу беа на југоистокот на Македонија. Евентуално, отворањето на овие рудници за народот ќе значеше тотално уништување на животната средина. Огромни отровни хидро-јаловишта, а, буквално, целиот профит ќе си го собереа странските газди“, кажа пратеникот.
„Тоа резултира со народен бунт, со блокади, со локални референдуми, со негативни мислења во локалните самоуправи и тоа сега засега е ефективно спречено. Голем дел од причината зошто е тоа така е сложеноста на процедурата која моментално е во Министерството за економија, па странците кои сакаа тука да прават пустош и на база на тој пустош да си прават мултимилионски профити, малку тешко се снаоѓаа во лавиринтите и ходниците на Министерството.
Со други зборови, сложеноста на процедурите и што ова е под надлежност на Министерството за економија и е брана што делумно нè штити од овие рудници на смртта и е од народен интерес. Ама, наместо ова, ние сега имаме предлог-закон, во скратена постапка, кој предвидува едно цело ново специјално министерство за рударство и минерални суровини, со цел да се олесни процедурата за овие рудници на смртта“, додаде пратеникот Јанчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

